Државниот завод за ревизија изврши ревизија на тема „Урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во градовите“ со цел да утврди дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.
Со спроведената ревизија ДЗС утврдила дека мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите низ Македонија. Од таму додаваат и дека од 34 општини, ГУП-овите на 22 градски општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител. Централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина.

Општина Охрид заедно со Град Скопје имаат донесено Стратегија за развој на зеленилото. Општина Охрид има воспоставено и Зелен катастар во форма на ГИС портал. ГИС системот нуди дигитализација во урбанистичката сфера, инфраструктурата, водоводната и канализациона мрежа. Со тоа, процесите за издавања на документации би се забрзале, а граѓаните би имале целосен увид и информации.
-Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид е донесена за период од 2023 – 2032 година, со стратешка цел Охрид да стане одржлив „зелен град“, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м2 по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури, стои во ревизорскиот извештај.
Сепак, Општина Охрид заедно со Општина Велес за петгодишниот период немаат воопшто реализација на програмата, односно немаат донесени детални урбанистички планови. Со ова, планираните буџетски средства за урбанистичко планирање на општините остануваат неискористени во текот на буџетската година, а општините ги префрлаат истите планови во програмата за наредната година и повторно ги предвидуваат истите износи, што влијае на динамиката на реализација на плановите.

Целосниот извештај на Државниот завод за ревизија може да се прочита на линкот.