Охридските матуранти го заиграа квадрилот
Денеска на охридскиот плоштад танцуваше младоста. Околу 300 матуранти зачекорија во новото поглавје од својот живот играјќи го квадрилот на Матурската парада.
Во танцот на препознатливите звуци од Штраусовата опера Лилјакот и во сценографијата со сини и бели маички и чадори уживаа родители, баби и дедовци, минувачите и гостите. Дождот не ја намали радоста и свеченоста на лицата на матурантите.

„ Се чувствувам весело, радосно, среќно што успешно го заокруживме нашето образование. И еве малку и врнежливо, ама тоа е. Понатаму би продолжил или во УИНТ „Св Апостол Павле“ тука во Охрид или на ФИНКИ во Скопје.“ – кажа Дарко Крлески, матурант од ОЕМУЦ Св Наум Охридски.
Градоначалникот Кирил Пецаков порача дека градот е горд на својата младина и им посака успех и да не се откажуваат од своите соништа.

„ Сонувајте со отворени очи и мечтаеете за поубави нешта и никогаш не скршнувајте од вистинскиот пат. Бидете добри луѓе со добра мисла и желба да направите добри дела за себе и за луѓето околу вас, само така ќе бидете задоволни од себе и ќе градите здраво општество. Матуранти, гордост наша, вашата младост дозволува се.“ – кажа во своето обраќање градоначалникот Пецаков

Пораката до генерацијата ја испрати Мартина Настеска, матурантка од ОСУ Св Климент Охридски. Генерација сме успешни ученици кои гордо и исправено ги очекуваме новите предизвици во животот и храбро треба да чекориме кон нови патишта и успеси. Нека оваа парада биде симбол на слободата, зрелоста и одлучноста со која ќе го градиме нашиот пат понатам, порача Настеска.

„Нека не потсети дека заедно сме посилни и дека секој крај е нов почеток , дека знаеме како да бидеме дел од тим , како да се поддржуваме и како да го славиме животот со радост , енергија и со стил. Како што ги совладавме танцовите чекори, така успшено да ги совладаме и идните предизвици во животот, со насмевки искрени и срца што чукаат во ист ритам. Нашата разиграна младост, денешната позитивна енергија и оваа прекрасна убавина силно нека одекнат заедно со можната порака насекаде низ светот.“ – кажа Мартина Настеска, матурантка од ОСУ „Св Климент Охридски“
Мартина во име на матурантите изрази голема благодарност до професорката Катерина Стојаноска за подготовката на парадата. Воедно се заблагодари и на Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков што им овозможиле да остават јасен белег како генерација и да ја реализираат нивната замисла.
Инаку, парадата на матурантите започна во далечната 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка” во Љубљана.

