Охрид за прв пат го одбележа Светскиот ден за разновидност на културите
Со музика, песна и ора на три јазици, македонски албански и турски во Охрид за првпат се одбележа Светскиот ден за разновидност на културите, за дијалог и развој.

Во рамките на проектот „Разликите зближуваат“ учениците од „ОУ Братсво и Единство“ порачаа дека јазикот и традицијата не смеат да бидат препрека за другарување. Различните верувања, обичаи, празници треба да ги зближуваат. Тие се предност, богатство и привилегија.
Од општината најавија дека негувањето на мултикултурализмот и промоцијата на различностите ќе прераснат во традиција.

„Денеска сум посебно горд што со реализацијата на овој проект Општина Охрид стана водечка општина во земјава која ја слави различноста преку културната разновидност со која најдобро се гради едно општество за сите. Само доколку ја разбереме мултикултурата како национално богатство можеме да кажеме дека сме успеале да создадеме подобар свет за живеење, полн со разбирање и толеранција.“, кажа Перчо Божиновски претседател на Советот на општина Охрид.

Учениците од ОУ „Братство Единство“, кое одбележа 75 години од своето постоење, а воедно и патрониот празник, ги презентираа традицијата и обичаите како и народната носија препознатлива за нивната етничка припадност.

„Од ова училиште сите ние успеавме да изградиме дом. Дом во кој децата зборуваат различни јазици, но играат и се смеат на ист начин. Дом во кој наставниците се припадници на различни култури, но предаваат со едно исто срце. Дом во кој секоја вера се почитува, секоја традиција се прифаќа, а секоја различност се слави“, кажа директорот Мехмед Џемал.

Учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ подготвија мултикултурна софра со традиционална храна од сите еднички заедници.
„Навистина сме горди што сме дел од еден ваков настан каде нашите ученици приготвија традиционална храна карактеристична за сите зеднички заедници. Ова е начин младите да се запознаат со различните традиции со нови култури и со нови начини на готвење и да се почитуваат меѓусебно оти сите ние сме дел од едно општество“, рече директорот Тони Андрески.

Секоја година на 21 мај, светот го одбележува Светскиот ден на културната разновидност, инициран од УНЕСКО во 2001. Овој ден е можност да се прослави богатството на светските култури и да се истакне значењето на меѓукултурниот дијалог за постигнување мир и одржлив развој.
Новинар Соња Рилковска