Skip to main content

уким

Охриѓанките Харитина Сакова и Рената Павлеска дел од најуспешните студенти на УКИМ

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес со доделување награди на најуспешните студенти го одбележа својот патронен празник.
 |  инфодеск  |  ,

Денес Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го одбележа патрониот празник и 76 години од основањето. На свеченоста се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска , која потенцира дека универзитетот и натаму треба да јакне и да се вброи на листата од 1000 најдобри светски универзитети.

Горди сме на сите ваши постигнувања, а ваши успеси на меѓународен план се потврда дека УКИМ гради млади луѓе кои се подготвени за предизвиците на новото време. Целта на сите нас е овој Универзитет и натаму да се јакне и да се вброи на листата на илјада најдобри светски универзитети. Тоа им го должиме на патроните на Универзитетот и основоположниците на словенската писменост, како и на сите нивни ученици Климент и Наум кои во 9-тиот век ја основаа Охридската книжевна школа, првиот словенски и најстариот европски Универзитет, рече Јаневска во своетото обраќање.

Во својот говор министерката додаде и дека оваа година буџетот за образование е најголем досега, при што нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари што е речиси двојно повеќе од минатогодишните 380 милиони денари и веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.

Свој говор имаше и Ректорката Биљана Ангелова.

Го зајакнавме системот за обезбедување квалитет, со воведување на стандардизирани процедури и алатки за вреднување на наставата и истражувањата, отворивме Центар за отворена наука, кој им овозможува на нашите истражувачи подобар пристап до податоци, литература и меѓународна соработка , многу поинтенизвно се вклучивме во европската програма Horiznot Europe, преку која добивме и управуваме со проекти со значајно финансирање, започнавме дигитална трансформација на процесите – од упис на студенти, преку административно управување, до онлајн платформа за учење и во партнерство со Алијансата ACROSS EU отпочнавме неколку Хоризонт и други проекти, кои ни обезбедуваат интернационализација на наставата и мобилност на студентите и кадарот, изјави Ангелова.

На свеченоста беа наградени Харитина Сакова од Машинскиот факултет, Стефан Кофиловски и Ана Марија Наумовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Душица Брачиќ од Природно-математичкиот факултет, Јана Видановска и Рената Павлеска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Пешевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Марко Величковски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Никола Ристевски од Филозофскиот факултет и Давид Стојаноски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Награди добија и Ања Даниловска и Софија Станческа од Економскиот факултет, Анастасија Петличковска од Медицинскиот факултет, Мими Дучева од Факултетот за музичка уметност, Ведран Чешарек од Факултетот за драмски уметности, Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет, Ивана Крстаноска од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, Никола Тренов од Факултетот за ликовни уметности, Беса Исмаили од Градежниот факултет, Стефан Лакордов од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Васка Зарковска од Технолошко-металуршкиот факултет, Сара Ацковска од Факултетот за земјоделски науки и храна, Кристијан Ристовски од Архитектонскиот факултет, Анастазија Јеринчева од Стоматолошкиот факултет, Ненад Димковски од Факултетот за ветеринарна медицина, Мила Чолакоска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Надица Кремшовска од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, им порача на студентите, кои заслужно на нивниот успех добија златник со ликот на светите Кирил и Методиј, дека нивниот главен фокус треба да биде на благодарноста и одговорноста.