СДСМ Охрид бара итна ревизија на работењето на јавните претпријатија
ОО на СДСМ Охрид бара итна ревизија на работењето на јавните претпријатија, отчетност од менаџментот како и јасен план за излез од финансиската криза без нови оптоварувања за граѓаните. Ова денеска на прес конференција го соопшти секретарот на партискиот огранок, Јован Крлев. Градоначалникот и мнозинството во Совет никако не успеваат да воведат ред во јавните претпријатија, ниту да обезбедат ефикасно и одржливо управување со општинските ресурси, а за таа неспособност плаќаат граѓаните, обвини Крлев.
„Граѓаните на Охрид како никогаш до сега се сочуваат со удар по домашниот џеб, поскапување на услугите на јавните претпријатија. Она што дополнително загрижува е фактот што и покрај зголемените цени дел од јавните претпријатија работат со загуба. А, локалната власт упорно продолжува да ги субвенционира со народни пари. Прашуваме каде се потрошени средствата од субвенциите, затоа што на крајот тоа се средства на граѓаните, а граѓаните не го гледаат бенефитот од тоа.“ -рече Крлев.
Крлев јавно праша зошто ЈП „Билјанини Извори“ живее од субвенции од Општина Охрид кога цените за паркинг места на пловни објекти и покрај пренатрупаност, безредие и никакви услови се зголемени 100%, а ЈП „Охридски Комуналец“ исто така субвенциониран од Општина Охрид со пари на граѓаните, при 30-50% зголемени цени за комунални услуги е во загуба од 37 милиони денари.
„ И зошто Охрид има проблеми со водоснабдувањето, додека на секој чекор има дефекти кои со денови се санираат, а износот на цена за вода е зголемен над 40%. А, сепак претпријатието доколку немаше 16 милиони денари субвенции од Општина ќе прикажеше загуба. Ситуацијата со ЈП Градски гробишта му е позната на секој граѓанин и доколку би сакале да го заборавиме пречекот за Велигден, а невозможно е би забележале само хаос и негрижа. Иако граѓаните се приудени да плаќаат 100% зголемени цени за нивните услуги. И ЈП Градски пазар не остана без субвенции од Општина Охрид без кои не би можеле ни да исплатат плати. Тој факт ги зачудува граѓаните добро запознаени со приходите кои ова јавно претпријатие може да ги оставри во најмала рака со давање на типизираните куќарки и тезги кои за жал се даваат само на заслужни партиски приврзаници. “ – рече Крлев.
Крлев посочи и дека Охрид и понатаму останува препознатлив по шахтите и дупките благодарение на ЈП Нискоградба. А ја нема пречистителната станица во Трпејца која ЈП Колекторски систем требаше да ја има пуштено во употреба до летната сезона. Крлев праша кога локалната власт ќе сфати дека јавните претпријатија не се приватни фирми, туку се финансираат од парите на народот посочувајќи и дека селективно се зголемуваат плати само на поединци лојални кон власта, а не на сите вработени.
Сето ова е доказ за целосна неспособност и неодговорност на раководството на Општина Охрид и директорите поставени од ДПМНЕ , потенцира секретарот на СДСМ Охрид.