Успешно одржана работилница „Сузбивање на криминал врз дивиот свет“
Вчера во просториите на Факултетот за безбедност – Скопје, Еко-свест во соработка со Факултетот за безбедност – Скопје организираа еднодневна работилница на тема „Сузбивање на криминал врз дивиот свет“.


Од Еко-свест информираат дека целта на работилницата е унапредување на капацитетите на ренџерските служби и релевантните институции за справување со криминалот врз дивиот свет. Во рамки на настанот се дискутираше за значењето на заштитата на дивите животни, националните и меѓународните законски рамки, улогата на чуварските служби, како и потребата од подобра меѓусекторска и прекугранична соработка.


-Работилницата вклучи излагање на тема „Сузбивање на криминал врз дивиот свет“ од проф. д-р Марина Малиш Саздовска и вежби за самоодбрана со проф. д-р Јонче Ивановски од Факултет за безбедност – Скопје, презентација на практични случаи од Арта Старова од Македонско еколошко друштво, како и сесија за изработка на службени белешки, реализирана со поддршка од м-р Младен Трајков. Говорниците се осврнаа на важноста од заштита на дивиот свет, националните и меѓународните правни рамки, улогата на чуварските служби и потребата од подобра меѓусекторска и прекугранична соработка, се вели во нивното соопштение.

Инаку, настанот е дел од Прекуграничниот проект за заштита на кафеавата мечка, кој се спроведува
во партнерство меѓу Еко-свест, Македонско еколошко друштво (МЕД), ЕуроНатур, Калисто и ППНЕА. Проектот има за цел зајакнување на прекуграничната соработка и имплементација на активности за подобрување на заштитата на кафеавата мечка и намалување на заканите врз нејзиното живеалиште, со посебен фокус на справување со криминал врз дивиот свет.
