Skip to main content

Официјално започна со работа дневниот центар „Радост“

Игротеката „Радост“ прерасна во Дневен центар за згрижување на деца со церебрална парализа. Има цел тим вработени, дефектолог, логопед, негуватели и педагог.
 |  инфодеск  | 

Финансиите се еден од клучните предизвици со кои се соочуваат семејствата со деца со попреченост. Најчесто, еден од родителите нема можност да работи, бидејќи е принуден да се грижи за детето. Многу е мала финансиската поддршка од државата за посебниот додаток и туѓа нега. Голем предизвик е и набавката на ортопедски помагала и лекарства.

Туѓата нега е отприлика околу 5000 денари, а посебниот додаток околу 700 денари, што не е доволно да се мине месецот. Тоа  е еден од проблемите, другите се набавка на ортопедски помагала, кај нас се многу оскудни. Инвалидските колички се еднонаменски, каишите, ортопедски помагала за капење, седишта за во кола. Или се недостапни или се набавуваат од странство, вели Билјана Костоска од Здружението ВОПС.

Од вчера официјално почна со работа дневниот центар „Радост“, а во него ќе има вработен тим психолог, дефектолог и логопед кои ќе работат индивидуални третмани. –Исто така, имаме негуватели во дневниот центар, а и негуватели за помош во домот. Децата ќе бидат таму згрижени и ќе работат со тимот, вели Костоска.

Од здружението ВОПС велат, потребна е поголема поддршка од институциите, државната и локалната власт.


-Потребна е поддршка во поглед на набавка на инвалидските помагала, во поглед на покачување на додатокот. Доколку едно семејство може да купи возило од 50 евра, нашето возило со рампа чини околу 20.000 евра, што е невозможно да го набавиме и тука е потребна помош. Потребно е да се прилагодат лифтовите во болниците, за родителите да не ги носат децата во раце. Рампите да не се стрмни, да се прилагодени. Има многу работи кои може да ни помогнат, додаваат тие.

Потребно е да расте и свеста кај граѓаните. Да не паркираат на паркинзите специјализирани за инвалидизираните лица и да не паркираат на тротоарите и пристапните патеки и рампите.

Новинар Соња Рилковска