ЈПДП: Завршува во рок рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид-Св. Наум
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) информираат дека завршува во рок рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид-Св. Наум во должина од 24,3 километри.
– Инвестиционата вредност за рехабилитација на овој патен правец е 11,7 милиони евра, средства обезбедени од буџет на ЈПДП. Иако важноста на делницата Охрид-Св.Наум е исклучителна бидејќи е магистрален пат кој има регионално значење и претставува патна врска со Република Албанија цели четири децении чекаше за рехабилитација која започна во август 2023 година и која сега е на самиот крај и завршува во предвидениот рок за изведба пред почетокот на летната сезона, а тоа е јуни 2025 година. Со реконструкцијата заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот се изврши и растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и се монтираше заштитна челична мрежа на косините, потенцираат од ЈПДП.
Во нивното соопштение додаваат и дека во завршна фаза е поставувањето на вертикалната сигнализација, односно сообраќајните знаци, како и означувањето на хоризонталната сигнализација т.е боење со патарска боја. Привршува и поставувањето на еластичната одбојна ограда.