Се одржа второто издание на ревијалниот настан „Вози велосипед, уживај и промовирај
Денеска по повод Светскиот ден на велосипедизмот, се одржа второто издание на ревијалниот настан „Вози велосипед, уживај и промовирај“. Над 100 ученици и наставници од средните училишта, граѓани рекреативци, претставници на фирми се дружеа, промовираа возење велосипед како здрава животна навика и еколошка алтернатива за транспорт во урбаните средини, а при тоа реализираа и бизнис идеа за иновативен начин на пренесување маркетинг пораки од локални компании. Организатор на настанот е Здружението за едукација, култура и младински активизам во соработка со СОСУ „Св Кирил и Методиј“.

„ Во соработка со Здружението „Граѓански Интегритет“ го организираме овој настан со којшто упатуваме порака до нашата младина за здрави животни навики. Упатувам голема благодарност и до Општина Охрид и локалните бизниси за нивната поддршка.“- кажа Ристе Јанкоски –директор на СОСУ „Св Кирил и Методиј“.

„Би сакала да испратам една порака општо до сите љубители на велосипедизмот , сите оние коишто се претставници од фирми, ученици и граѓани дека со овај проект всушност сакаме да поттикнеме здрави животни навики , луѓето едноставно да се научат да го применуваат овај иновативен маркетинг којшто понатаму во идните години се надеваме ќе прерасне во традиција за еден нов маркетинг концепт којшто ќе го применат и фирмите и институците и тн.“ – изјави професорката Весна Карамитре – Здружението „Граѓански Интегритет“.
Покрај промоција на здрави животни навики и општествена одговорност преку мобилна реклама на велосипеди годинава настанот има и хуманитарна компонента.Беа поставени кутии за донации, а собраните средства ќе бидат наменети за за жртвите од неодамнешната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Годинава настанот се реализира и со зголемен интерес и кај учениците и кај локалните бизниси.

„ Лани учениците беа многу задоволни и оваа година се пријавени во уште поголем број, имаме многу голема заинтересираност. Голем важност има настанот затоа што пред се седружиме , а потоа промовираме исто така рекламираме, оваа година имаме голем акцент ставено на хуманоста и многу е интересно.“ – кажа Теодора Спироска – ученичка во СОСУ „Св Кирил и Методиј“.

„Горди сме што учествуваме на овај иновативен настан за мобилна реклама на велосипеди. Ние како општествено одговорна компанија учествуваме и поддржуваме секогаш вакви настани за еколошки и современи решенија за промоција на бизнисите. Мислам дека и ова е всушност едно иновативно решение за понатамошно рекламирање на самите бизниси во Охрид и пошироко.“ – изјави Дафина Стефаноска од Халк осигурување.
За безбедноста на сите учесници, велосипедската тура беше следена од полициска придружба и екипа за прва помош на Црвен крст од Охрид.


Пред стартот беше одржана практична обука за велосипедски вештини и показна вежба за прва помош на повреден велосипедист. Настанот „Вози велосипед, уживај и промовирај“ е поддржан од Општина Охрид.





