СВР Охрид со работилници за безбедноста на децата во сообраќајот
СВР Охрид во соработка со општинскиот Совет за превенција на детско престапништво, и секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид одржа повеќе работилници на тема – „Безбедност и правила за децата во сообраќајот”, наменета за учениците од вторите и третите одделенија од основните училишта: „Св.Наум Охридски”-Пештани со подрачните училишта од Коњско, Елшани и Трпејца, „Живко Чинго”- село Велгошти, „Ванчо Николески” – Лескоец со подрачните училишта од Косел и Куратица и „Кочо Рацин” со подрачното училиште од Лакочереј.
–Целта на работилниците беше, низ теоретски и практичен дел, со интерактивна презентација, на децата како најранлива група на учесници во сообраќајот да им се презентираат основните правила за безбедност во сообраќајот. Посебен акцент се стави на значењето на боите на семафорот, на правилното преминување на улица на пешачки премин, потоа на правилата при користење на средства за движење (велосипед или тротинет), како и за улогата на сообраќаецот во регулирање на сообраќајот, значењето на сообраќајните знаци, велат од СВР Охрид.
Во нивното соопштение додаваат дека на импровизирана крстосница, беше демонстрирано како сообраќаец го регулира сообраќајот, при што учениците имаа можност со велосипеди да научат правилно да се движат на крстосница, почитувајќи ги дадените правила и знаци од страна на полицаецот.