Врачена наградата „Книжевен жезол“ на охриѓанецот Славе Ѓорѓо Димоски
На познатиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски и српската поетеса Радмила Лазиќ вчера во Друштвото на писателите на Македонија им беа врачени годинешните традиционални награди за поетски опус „Книжевен жезол“, кои се доделуваат во рамки на поетската манифестација „Празник на липите“. Наградите на лауреатите им ги врачија претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и претседателот на ДПМ, Живко Гроздановски.

Tрадиционалната награда за животен опус „Книжевен жезол“ е најголемата што ја доделува ДПМ. Таа се состои од статуетка и од плакета, а одлуката за избор на наградените автори деновиве ја донесоа членовите на Управниот одбор на ДПМ: Живко Грозданоски (претседател), Зоран Анчевски (потпретседател), Марина Мијаковска, Димитар Пандев, Сузана В. Спасовска, Виолета Танчева-Златева и Бранко Цветкоски.
Пред врачувањето на наградите беше претставено и изданието на „Книжевен жезол“, со одбрани песни од лауреатите на наградата, по што за поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски беседеше поетот Зоран Јакимоски, додека за творештвото на Радмила Лазиќ пригодна реч имаше академик Катица Ќулавкова.

Славе Ѓорѓо Димоски е автор на книгите поезија: „Гравири“ (1979), „Проект“ (1982), „Студен порив“ (1985), „Последните ракописи“ (1988), „Спореден пат“ (1991), „Предмети и аргументи“ (1994), „Форми на страста“ (со цртежи на Сергеј Андреевски) (1998), „Форми на страста“ / „Forms of passion“ (библиофилско издание со цртежи на Сергеј А. и Дик Робертс, приредувач Сашо Димоски) (1999), „Macedonia Prima“ (2006), „Темно место“ (2009), „Мерач на зборовите“ (со цртежи на С. А.) (2009), „Хаику на разгледници“ (2015), „Јазичен триптихон“, (со цртежи на С. А.) (2016), „Извешти на Рисот“ (во соработка со С. А.) (2016), „Кумова Слама“ (2018), „Јазик и леб“ (2019), „Денес“ (2024) и „Грозје од кукавица“ (2024). Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел преку триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје…
Поетесата Радмила Лазиќ пак, пишува поезија, есеи, публицистички и прозни текстови.