Еребицата Александар од Галичица со помош на GPS предавател ќе споделува информации за таинствениот живот на овие птици
Од Македонско еколошко друштво информираат дека машка единка од видот Alectoris graeca, Александар, доби GPS предавател и како нивен „соработник“ во следниот период ќе открива повеќе информации за таинствениот живот на овие птици.
–Мониторингот на птицата Alectoris graeca (кај нас популарно позната како еребица камењарка поради тоа што живее во карпести предели) е дел од планот за управување на National Park Galicica и се реализира на секои 2 години во соработка со стручни лица од Македонското еколошко друштво (овој пат потпомогнати и од волонтери од Словенија). За таа цел се поставени 10 трансекти по 2 километри кои теренски ги мониторираме секоја втора година и потоа со помош на статистички модели ја одредуваме популацијата на еребиците камењарки. Долгорочното спроведување на оваа активности ни ги открива популациските трендови кај овој вид, односно промените во нивната бројност и причините за настанување на тие промени, информираат од здружението.
Дополнително, како што се вели во нивното соопштение, со цел да добијат повеќе информации за однесувањето на еребиците камењарки и за тоа како го користат своето живеалиште, го применуваат методот на ГПС телеметрија. Поставувањето на ГПС предаватели на еребиците ќе овозможи подобро да се разбере нивниот начин на живот и претставува неопходен предуслов за таргетираното креирање мерки за нивна заштита во иднина.