Цените на охридскиот пазар оваа сезона уриваат рекорди. Охридската цреша се продава од 250 до 300 ден за кг. Цените годинава се повисоки поради мразот и градот, кој пролетва ги уништи овошките и значително го намали родот. Земјоделците велат тешка е работата, а мала е заработувачката.

Анкета продавачи:
-Патлиџанот е 70,краставицата 30, пиперката 70. Кајсијата е поскапа 150 ден. Измрзнаа. Дињата е 80, бостанот 40. Скапо е нека излезат на 40 степени, јас произведувам компир нека излезат да работат на 40 степени нека видат како е.

-Мразот фати на времето кога требаше да цутат да се оплодуваат и нема. Затоа се толку високи. Инаку и другите лета високи се цените но годинава се доста повисоки. Не само црешата и другите овошја држат висока цена. Земјоделието е тешко затоа младите не сакаат.
-Па се да ти кажам скапо е многу сирење, спанак се скапо е. Од три да станиш ами мачно е ама мора да работиме без работа нема ништо.
–Ем замрзнаа, ем градот ги изеде. Нема, нема ете фати мразот катастрофа и нема доволно. Кој купува повеќе нашите или странците? Странците.
Земјоделците се жалат, велат не се заштитени на пазарите, има многу диви трговци по улиците, а работата им ја зедоа и маркетите.

Иако туристичката сезона е во полн ек на охридскиот пазар и нема поголема раздвиженост. Купувачите се жалат на високите цени на овошјето и зеленчукот. Велат не можат да си дозволат но купуваат колку за мерак.

Анкета купувачи:
-Цените се малку поскапи него на друго место. Епа сега туристички град како сакате.
-Некои се скапи некои не.
-Овошјето е многу поскапо него лани.
-Има различни цени, има тезги кои знаат на своите муштерии да им попуштат. Овдека во Охрид е се скапо не само овошјето и зеленчукот е поскап.

Охридскиот пазар отсекогаш важел за еден од најскапите во државата. Ако во минатото од пазар граѓаните се враќале со полни торби, денес наместо во килограми овошје се купува во пластични канчина на грамажа.
Новинар Соња Рилковска