Skip to main content

Ќе се вработува помошен и технички персонал во охридските училишта

Денес, советниците ја одржаа педесет и осмата седница, на која на дневниот ред преовладуваа точки од образованието и урбанизмот. Советниците без многу дискусии ги усвоија точките за годишните планови за вработување во сите основни училишата и Јавното претпријатие „Градски пазар“, како и точките за вклопување на бесправно изградените објекти на територијата на Општина Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

На денешната 58 седница на Совет беа усвоени одлуки за давање согласност на годишниот план за вработување во основните училишта во Охрид. Станува збор за вработување на помошен и технички персонал. Советникот од СДСМ Бојан Михајловски побара информација дали со превидените вработувања се задоволуваат потребите на училиштата. Советникот од ВМРО НП Ванчо Костоски кажа дека сите училишта имаат барања до МОН за да добијат согласнот за вработувања на потребен персонал меѓу кои и логопеди , но дека се уште немаат одговор.

Со новите дополнителни вработувања ќе се задоволат потребите на училиштата во однос на она што секое училиште го има поединчено, а во однос на барањата, тие сега се поднесуваат , после донесувањето на Годишниот план и се доставуваат до МОН и Министерството за финансии за давање на согласност. Се бараат и дефектолози. Она што е согласно потребите на секое училиште поединечно. Во следниов период би требало да ги добиваме тие согласности за дополнителни нови вработувања во училиштата. – кажа Јоне Станкоски – Оддление за образование.

Помина и предлог одлуката за давање согласност за измени на годишен план за вработување за 2025 година на ЈП „Градски пазар“ – Охрид. Како да донесиме измени на план за вработување со зголемување на работни места, а не само пополнување на испразнети во јавно претпријатие со најлош финансиски резултат, праша советникот од СДСМ Бојан Михајловски.

Дали ова препријатие може со внатрешна реорганизација , како што беше посочено од оваа говорница , да направи прераспределба на работните позиции интерно за да нема потреба од нови работни места и дали како претпријатие со најголеми субвенции во последниов период од општина Охрид , дали и овие работни места ќе бидат исплатени платите преку субвенциите од општината? – праша советникот Бојан Михајловски.

Потребата од измена на годишниот план за вработување е поради носењето на нова систематизација и функционална анализа поради што биле изменети називите на некои работни места, кажа директорот на Градски пазар.

„Да напоменам дека во моментов имаме четворица вработени на определено време преку Агенција, значи нема да има дополнително оптеретување со оваа измена само ќе го промениме статусот , се надевам , од определено во вработени на неопределено време. Исто ќе напоменам дека имаме две пензионирања. Бројката во Градски пазар откако дојдов па до сега се движи 36- 38 вработени.“ – кажа Александар Попоски – директор на ЈП Градски пазар.

Советниците на денешната седница донесоа и одлука за определување на работното време на вршителите на занаетчиски дејности, ги изгласаа и сите точки од урбанистичката сфера од кои 11 легализации на бесправно изградени објекти.