Вчера околу 16:30 часот, до оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид (ПСС) бил упатен повик за помош од вработен во НП Галичица. На наплатниот пункт „Дервен“ лице од Турција пријавило дека негов пријател – параглајдерист – принудно слетал во околината на врвот Магаро и му е потребна евакуација.
По брза координација и утврдување на точната локација, параглајдеристот бил лоциран на тешко пристапниот и карпест дел, на западната страна од планината.
Несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над крилото и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, слетал без физички повреди.
– Од моментот на пријавата, операторот од ПСС остана во постојан контакт со параглајдеристот. Истовремено, спасувач од ПСС кој се наоѓаше во Планинската куќа „Спиридон“ веднаш се упати кон локацијата, додека дополнителен тим од 5 спасувачи остана во приправност во Охрид, подготвени за асистенција доколку е потребно.
Околу 18:00 часот, спасувачот пристигна до местото, му даде храна и вода на параглајдеристот, и заедно безбедно се вратија кон Планинската куќа, информираат од Планинската спасителна служба.
Оттаму додаваат дека со оглед на локацијата, околностите и среќниот исход, оваа интервенција ќе остане запаметена како вистинско чудо во меморијата на службата.
Изразуваат огромна благодарност до сите вклучени, а на пилотот му посакуваат многу побезбедни летови во иднина.