Skip to main content

Градското пристаниште претесно за големиот број пловни објекти

Градското пристаниште во Охрид, кое е изградено пред втората светска војна, е веќе претесно за охридската бродска флота. Малиот простор за пристанување и маневрирање ја загрозува безбедноста на пловилата и патниците. Бродарите сметаат дека е крајно време за реконструкција и проширување на пристаништето, како и за изградба на марина за едрилици на друга локација.
 |  Маја Савиќ  | 

Пристаништата во Охрид и во Св. Наум изминатиов период се чистеа од тиња и наноси од песок со што се зголеми просторот за пристанување и маневрирање на бродовите. Чистењето е во рамки на тековните активности на Министерството за транспорт и се реализираше преку Капетанија на пристаништа. Капетаните на бродови задоволни од проширувањето на екваторијата во пристаништата.

„Копањето значи дека може да собере повеќе бродови на исто место , да не прајме еден влези, друг излези, пак влези, пак излези. Со копањево сега што се прави , овде во Охрид малку, бидејќи веќе е сезона и реално не можеше повеќе, меѓутоа Св Наум ми се чини ќе биде доста солидно ископано со што ќе се придонесе и за безбедноста и за услови и за одмор на екипажот. – вели капетанот на брод, Зоран Гилевски.

На Охридското Езеро пловат 6 патнички бродови со капацитет до 150 патници. Бродските крстарења се една од најатрактивните туристички понуди на Охрид. Копањето на наносите од песок и повремени парцијални санации на оштетувања на пристанишниот ѕид не го решава проблемот за паркирање на се поголемиот број пловила. Потребна е надградба на пристаништето, нешто за кое се апелира повеќе од една деценија наназад.

„До пред 20 години Охрид имаше еден брод којшто пловеше, сега има шест бродови , ќе има и седум од в година, и осум . Значи веќе нема услови. Ние како сопственици на бродови, како туристички работници , ние доста сме направиле, овие бродови не се само наше лично богатство, ова е туристичка понуда. Сега на ред е државата да направи нешто, нешто повеќе од копање. Има технички решенија , да не навлегувам . Треба да се прошири, да можеме подобро да оперираме и бродовите да бидат заштитени на зима кога има невремиња, затоа што осум бродови на олкаво пристаниште тоа е катастрофа. Ние возиме претежно постари луѓе, од запад, Германци, Норвежани, се качуваат преку три брода. Се чудат луѓето.“- вели Гилевски.

Покрај проширување на пристаништето кое е претесно за бродската флота, неопходна е и изградба на марина на друга локација за едрилиците кои ги има во се поголем број.

-Марина за едрилиците да се изгради, да бидат посебно. Еве за пример , брод треба да се паркира помеѓу две три едрилици при северен ветер, нека се паркира некој место мене ако може, а при тоа да не оштети едрилица. Многу сме наблизу, вели Васил Јанески.

На градското пристаниште, кое датира од далечната 1937 година, со годините и со секое ново невреме кое ќе го зафати Охрид, оштетувањата на објектот стануваат се поголеми и неопходна е негова реконструкција и надградба.