Skip to main content

64-тото издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ со богата програма за љубителите на фолклорот

Љубителите на фолклорот деновиве во Охрид ќе уживаат во убавината на народните песни и игри. Годинешното 64. Издание на Балканскиот фестивал ветува богата програма и новитети. Целта на организаторот и Уметничкиот совет е да се врати сјајот на една од најстарите и најмасовните културни манифестации од ваков вид во земјата.
 |  Маја Савиќ  | 

Од денеска до 7-ми јули во Охрид ќе се одржи 64. Издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“. Фестивалот организациски се преструктуира и оваа година ќе понуди програмски новини. Целта е да се врати сјајот на една од најстарите и најмасовните културни манифестации од ваков вид во земјата.

„Обновуваме една сериозна соработка со НА Танец , формиран е Совет кој се погрижи за програмата оваа година. Исто така обновуваме една долгорочна соработка која што беше прекината и за среќа почнуваме со еден нов убав Меморандум за соработка со Танец. Мене ми е огромна чест и задоволство што успеавме оваа година со буџетски недоволно средства да направиме нешто што ќе биде сериозно квалитетно.“ – изјави на денешната пресконференција, Горан Стојаноски – директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.

Соработката помеѓу двете национални установи, Центарот за култура „Григор Прличев“ и националниот ансамбл Танец е од суштинско значење за успехот и долговечноста на Балканскиот фестивал. Оваа соработка не е само формална туку таа претставува длабоко партнерство базирано на заедничка визија и посветеност, истакна директорката на НА Танец, Весна Митевска.

„ Години наназад нашите две институции работат заедно, рака под рака, за овој фестивал да биде она што е токму денес. Работиме за да го одржиме пламенот на традицијата , да го пренесеме балканскиот фолклор на генерациите што доаѓаат по нас и да го претставиме Охрид како централно место за културната размена. Верувам дека токму овој силен синергетски однос помеѓу нашите две институции ќе се одржува на едно високо ниво и континуиран развој на Балканскиот фестивал понатаму.‘ – кажа Митевска.

За оваа година фестивалот ќе понуди една поинаква и побогата програма која ја подготви посебен Уметнички одбор или Совет и селекторот Јовица Блажевски. Тој истакна дека фестивалот не е важен само за градот Охрид , за нашата држава, ниту само за Балканот, туку е важен за светот. Па во таа насока, манифестацијата денеска започна со предавање за значењето на фестивалот и промоција на изданието „Балканскиот фестивал во Охрид низ видео записите на американскиот фолклорист Роберт Хенри Либман” од авторот Проф д-р Стојанче Костоски.

Официјалниот дел од програмата започнува утре во 20:30 часот на сцената „Долни Сарај“ каде на Свеченото отворање ќе настапат КУД „Гердан од Бисери” по што ќе следува целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“.

Наредните фестивалски денови се резервирани за целовечерните настапи на Неврокопскиот ансамбл за народни песни и танци „Гоце Делчев“ од Бугарија, Ансамбл за фолклор „Гоце Делчев” од Битола, Ансамблот „Бојмија” од Гевгелија, на 5-ти јули. На 6-ти јули сцената е резервирана за КУД „Светозар Марковиќ” од Нови Сад, КУД „Јахи Хасани” од Чегране, КУД „Таше Милошевски” од Ресен, како и Македонското КУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија. На завршната фестивалска вечер ќе се одржи промоција на Монографија и изложба и ревија на народни носии „Од Љубанишча до Дебор“ на Љупчо Милошевски, по што следува целовечерен концерт „Македонски Рози“.

„Како новитет во програмата на Балканскиот фестивал на 7-ми ќе се одржи етно-концерт на Митан и нашата позната Андријана Јаневска со преработки на традиционални македонски народни песни. Морам да кажам, како жто спомена и директорот на Центарот за култура, навистина со многу ограничен буџет пробавме да направиме една богата и разновидна програма. Се надевам дека за следната година, нашиот проект ќе биде прифатен во целост од Министерството за култура и на сцената на Долни Сарај ќе ги вратиме , нашите колеги од професионалните ансамбли. Балканскиот фестивал, Охрид, Долни Сарај заслужуваат да се вратат на сцената професионалните ансамбли од регионот.“ – кажа Јовица Блажевски – селектор на програмата.

На 4, 5 и 6-ти јули, фестивалските вечери че започнуваат со дефиле на ансамблите во 19.00 часот пред НУ ЦК “Григор Прличев”, додека настапите на Долни Сарај започнуваат во 20:30 часот, освен на 7 јули кога во 20 часот ќе биде поставена изложбата на Долни Сарај, а концертот ќе започне во 21 часот. Манифестацијата Балкански фестивал на народни песни и игри се одржува под покровителство на Претседателот на Собранието на Македонија.