Новиот рок од УНЕСКО е крајна опомена пред црвен картон
Одлуката на Унеско со која Охрид доби нов рок за исполнување на препораките, е крајна јавна опомена пред црвен картон, сметаат еколозите. Време е за освестување, контролирана урбанизација на крајбрежието, да се сочува Студенчишкото блато, да се затвори депонијата Буково, да запре загадувањето на езерото со функционален колекторски систем, да се сочува автентичноста на Старото градско јадро.

Но, кога се зборува за Охридскиот регион, се мисли и на крајбрежјето во Струга и Поградец за што е потребна координирана и билатерална соработка во заштитата.
-За жал, после распадот на Југославија, до тогаш се водеа, апсолутно се почитуваа препораките и параметри одредени да се зачува овој регион како што го дал Господ, а последните 30 години, за жал, апсолутно неконтролирано се шири, што значи, таа неконтролирана урбанизација, урбанизација на обалата, што е строго забрането, чистење на трските и препораките на УНЕСКО, апсолутнно не ги почитуваме, вели Ванчо Стојаноски од Еколошко друштво Грашница.

Главната причина што денес Охрдискиот регион е под закана да се најде на Листата загрозени подрачја, според еколозите се негрижата и децениските бизнис интереси на поединци.

– Не смееше да се дозволи некои локални шерифи да се играат како што ќе посакуваат со Бохорите и со друга, тука, апсолутно, пак, вината е на врвот горе, државата изгуби контролата на Охрид. За време на Југославија, само Охрид и Дубровник беа прогласени за затворени градови, односно, може доселувања, но ако се вклопите во некоја децениска, наредна, неколку децениска програма, додава Стојаноски.

Охридскиот регион е на листата на Унеско од 1979 година, во 2019 листата е проширена и со албанската страна на езерото. Еколозите велат, Унеско е бренд и додадена вредност на Охрид, најголемата реклама во светски рамки, а првите опомени на Унеско од Париз биле испратени до земјава уште во 1994 година.

Новинар Соња Рилковска