Skip to main content

Пуштен во употреба целосно санираниот Музеј на вода

Еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид конечно целосно саниран и пуштен во употреба.
 |  инфодеск  | 

Денеска, во присуство на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, премиерот Христијан Мицковски, вице-премиерот Александар Николоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и како и пратеници во Собранието, беше пуштен во употреба целосно санираниот Музеј на вода – „Заливот на коските”.

-Минатата година овој музеј беше запуштен и заборавен – платформата на наколната населба и покривите на колибите оштетени, терасата пред музејот занемарена, системот за наводнување нефункционален, а условите за работа на вработените далеку од соодветни, рече министерот Љутков.

-Со консолидирање на состојбата во земјата, очекуваме инвестициите во културата да бидат уште поголеми, бидејќи според спроведените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите коишто ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација, причината зошто ја посетуваат е богатото културно наследство. Посакувам успешна работа, но тука не застануваме со инвестиции, продолжуваме и понатаму!, истакна премиерот Мицковски.

-Овој музеј е значајна алка во туристичката понуда на градот и сосема оправдано е и најпосетен музеј во Македонија. Од запуштен простор, денес повторно блесна во сиот сјај овој Музеј, рече Пецаков.

Градоначалникот на Охрид изрази голема благодарност до Владата на Република Македонија, Министерството за култура и туризам, како и до Завод и Музеј Охрид, што Охрид им е во фокусот и заедно со Општина Охрид се реализираат проекти кои се во интерес на граѓаните.

Вкупната инвестиција за обновата изнесува околу 15 милиони денари.