Skip to main content

Голф Клуб Охрид

Амбасадорите на ЕУ и Словенија во Охрид: Голф клубот како симбол на нов туристички потенцијал

Охридскиот Голф Клуб полека, но сигурно, се етаблира како препознатлив спортски и туристички центар, не само на локално, туку и на меѓународно ниво.
 |  инфодеск  |  ,

Денеска во Охрид се одржа третото коло од Охридската Голф Лига, на кое почесни гости беа амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас и амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер.

Со своето присуство, тие дадоа дополнителна тежина на овој спортски настан и испратија силна порака за поддршка на развојот на спортскиот туризам во земјава.

Амбасадорите изразија задоволство од квалитетот на теренот, организацијата на натпреварот и нивото на игра, како и од целокупните можности што ги нуди голф теренот во Охрид. По завршување на турнирот, во пријателска атмосфера, им се заблагодарија на членовите на клубот за топлото добредојде и соработката. Во знак на благодарност, членовите на клубот им врачија симболични подароци на амбасадорите.

Во својата изјава, амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас истакна дека ваквиот спортски објект е единствен од ваков вид во Македонија и претставува значаен ресурс за промоција на земјата како дестинација за високо квалитетен туризам. Слична порака испрати и амбасадорот на Словенија Грегор Пескер, кој го поздрави ентузијазмот и ангажманот на клубот за развој на спортот и туристичката понуда во регионот.

Охридскиот Голф Клуб полека, но сигурно, се етаблира како препознатлив спортски и туристички центар, не само на локално, туку и на меѓународно ниво.