После 11 години градба, денеска конечно беше пуштена во употреба првата делница во должина од 20 км од автопатот Охрид – Кичево. На свеченоста присуствуваа Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, но и други членови на Владата.

-Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денес е симбол на новото време. Седум години траеше чекањето, ветувањата без дела, бесцелното трошење време, пари и нерви на граѓаните. Секој метар од автопатот е изграден со напорна работа, но и со јасна волја за напредок и да се стави крај на неуспесите од минатото, кажа Мицкоски.

–Со овој автопат, патувањето до Охрид станува значително пократко, побезбедно и поудобно. Тоа значи повеќе туристи, повеќе гости од земјата и странство, кои ќе можат полесно да уживаат во сето она што Охрид го нуди. Тоа значи повеќе полни хотели, ресторани, продавници. Тоа значи повеќе работни места и подобар живот за секој охриѓанец кој живее од туризмот. Овој автопат ќе го позиционира Охрид како уште подостапна и попривлечна дестинација, што е клучно за нашата економска иднина, изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

-Само сакам да кажам две работи, првата дека ова беше симбол за неспособноста на минатата Влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини, и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика помеѓу нас и нашите политички опоненти. Второт е дека е многу значајно и симболично е што првиот дел од патот го отвораме во славна Дебарца – овде има многу историја, многу приказни а сега и модерен автопат“ рече Николоски.
Инаку, целиот автопат е со вкупна должина од 57 километри.