Прва затворска казна за убиство на куче во Македонија
Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда со која ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за сурово малтретирање и убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди. Судот изрече казна затвор од три месеци за Крстевски, додека. Билбиловски доби парична казна во износ од 1.000 евра. Ова е прва пресуда во државава со затворска казна за мачење животни.
Делото, според обвинителниот акт, сега осудените го сториле на 19 ноември минатата година. Тогаш Крстевски, без оправдана причина, користејќи тврд предмет налик на стап, повеќепати го удрил кучето во пределот на главата, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми.
Здруженијата за заштита на животните ја поздравија пресудата, но и порачаа дека ова треба да биде само почеток на построг и поефективен судски однос кон сите облици на суровост врз животни.
-Оваа пресуда испраќа суштинска порака: дека животното не е предмет, дека насилството ќе носи последици. Дека владеењето на правото не е празна флоскула, туку мора да има вистинска тежина – особено кога општеството е сведок на системско молчење и отсуство на одговорност. Дека повеќе не може секој монструм да гази, убива и мачи без последици, велат од Анима Мунди.