Програма за сечиј вкус на седмиот „Summer Comedy Marathon“
Summer Comedy Мarathon и ова лето, по седми пат, скоро еден месец ќе ги освежува охриѓани и туристите со хумор во овие тропски горештини. Овој летен настан во организација на Хахаха продукција прерасна во традиционален интернационален фестивал на комедијата со квалитетна програма. Годинава организаторите ќе приредат 21 шоу со стенд ап комичари од градот, земјaва и странство.

„ Програмата е шарена, има по нешто за сечиј вкус. Започнуваме на 21 јули , во понеделник со популарното и добро познато шоу Two mothers brothers плус two cousins оваа година, како и предходната најдоброто од ова комично кабаре. Настанот ќе започне во 21 часот во Винарија Манстир во Опеница. Потоа следуваат неколку настани во Џез Ин, потоа следува шоуто Dos Comicos во кое што ќе настапиме заедно со колегата Бранко Крцмановиќ од Србија овде во Куба Либре, потоа повторно неколку шоуа во Џез Ин. “ – изјави Никола Тодороски, дел од организација и стенд ап комичар.
Првиот дел од маратонот ќе биде заокружен на 31 јули со кабаре на популарниот панк бенд Културно Уметнички Работници во Планинската куќа Спиридон во НП Галичица. За ова шоу ќе има организиран превоз за публиката.

„За Културно Уметнички Работници не треба многу да се зборува, тоа е бенд којшто е основан 1999 год, имаат веќе 8 албуми зад нив и ќе биде вистинско освежување, затоа што нивниот настап е во согласност со она што го прави овај маратон. Картите можат да се купат на сајтот hahaha.mk или да се резервираат на тел број 075 283 066. 24 часа сме достапни, примаме повици. За настанот на 28 јули Dos Comicos со Никола Тодороски и гостинот од Србија Бранко Крцмановиќ, за тоа шоу во Куба Либре е потребна само телефонска резервација, за тоа шоу не се наплаќа влезница.“ – изјави Филип Ангеличин Жура.
Зоран Донев на 11 август ќе настапи со соло шоу „20 години панк џез“ кое е создадено по повод 20 годишнината од неговото работење како бармен во култниот Џез Ин. За охридското секојдневие зборува и материјалот на Никола Силјаноски – Братучед. И годинава на маратонот една вечер ќе биде посветена и на сите оние кои сакаат да се обидат во стенд ап комедијата.

„ Се состои од приказни поврзани со работењето, начинот на живеење пред 20 години и сега и е така една интересна приказна која опфаќа многу работи. Исто така сакам да ги охрабрам сите заинтересирани на 5 август да се пријават за Open Mic или Отворен микрофон за сите млади луѓе кои сакаат да се пробаат во оваа бранша да се претстават со 5 минути материјал, да си напишат нешто интересно, да ги видиме пред публика и да се дружиме. “ – изјави Зоран Донев.

„ По календарот на 30-ти јули со почеток во 20 часот во Џез Ин , култното место за стенд ап, јас го работам мојот втор материјал којшто се вика Фиксно, тоа е микс од црн хумор, поврзани случки со секојдневието, емоции и тн. Ги поканувам сите да дојдат во среда во 20 часот и секако би било добро предходно да си направите резервација кај г-дин Жура на 075 283 066 и да се дружиме. “ – кажа Никола Силјаноски – Братучед.
Она што започна како локална приказна од година во година се развива, публиката е побројна, но се зголемува и интересот за учество на стенд ап комичари од странство.
„Морам да споменам дека на 25 јули имаме гостинка од Мексико, Лаура Лопез, се потрудивме вложивме огромен напор да имаме и комичарка повторно оваа година. Шоуто ќе биде на англиски, ќе се одржи во Џез Ин. Бидејќи не многу од пријавените учесници во програмата на фестивалот се дами апелирам барем на шоуто Open Mic или Отворен микрофон, дамите да бидат похрабри, да се пријават и да почувствуваат како е да се биде 5 минути на стенд ап сцената во Охрид. “ – додаде Тодороски.
Финалето на овогодинешниот фестивал на комедијата ќе биде на 13-ти август на сцената на Долни Сарај. Summer Comedi Marathon е поддржан од Општина Охрид и Europe House.