Во сабота ќе се вози хуманитарната вело тура „Сите за нашиот Ангел“ за помош на стружанецот Ангел
Велосипедскиот клуб „Вело Фаланга“ од Струга, на 19 јули 2025 година (сабота) организира ноќна велосипедска тура околу Охридското езеро. Годинава, ноќната вело тура има хуманитарен карактер и ќе се вози под мотото „СИТЕ ЗА НАШИОТ АНГЕЛ“ односно ќе се вози во чест и за помош на нивниот член, другар и брат по точак Ангел кој, неодамна возејќи точак на вело тура во Италија, доживеа пад и се наоѓа на лекување во една италијанска болница.
Планот за реализација на вело турата е следниот:
Старт 1 плажа “Галеб”Струга 17:30 ч., Старт 2 паркинг пред спортски центар “Билјанини извори” Охрид 18:30ч (на двете стартни позиции ќе има поставено донаторски кутии). Тек на турата: “Залив на коските”, пат за Галичица, граничен премин “Св.Наум” Поградец, каде што ќе има пауза од 1 час, Лин, граничен премин “Ќафасан”, финиш на турата Струга.
Организаторите додаваат дека на сите попатни станици ќе има вода и патна храна за учесниците. Должина на турата е 92км, елевација 900м, а тежина на патеката е 7/10.
Исто така, организаторите порачуваат дека секој учесник треба да биде физички подготвен, да има технички исправен велосипед, резервна гума, светлосна сигнализација за ноќно возење, флуоресцентен елек, патна храна, и вода, исто така со себе да поседува важечка лична карта или пасош. Секој учесник вози на сопствена одговорност и треба да ги следи препораките за безбедност од страна на организаторот а по пат ќе имаме и техничка поддршка од возило.
За безбедно учество во сообраќајот, учесниците на велоноќната тура ќе бидат придружувани од моторциклист полициски службеник од СВР Охрид.
