Пецаков го потпиша договорот за финансирање на изградбата на катна гаража и на уште 12 други инфраструктурни проекти
Градоначалникот Кирил Пецаков денеска го потпиша договорот за финансирање на изградбата на катна гаража во Охрид што е најголемиот капитален проект со кој општината аплицира на владините повици за инфраструктурни проекти.
На Општина Охрид во вториот јавен повик и се одобрени уште 12 инфраструктурни проекти и тоа локален пат од село Горно Лакочереј до село Лескоец, реконструкција на дел од улица „Даме Груев” од кружна крстосница „Јане Сандански” со улица „Питу Гули” до пресек со булевар „Туристичка” заедно со осветлување, реконструкција на дел од ул. „Партизанска”, реконструкција на дел од ул „7-ми Ноември” до пресек со ул. „Егејска” заедно со осветлување, реконструкција на дел од ул. „Кленоец” и дел од ул. „Петрино”, реконструкција на пат од камп Љубаништа, на потег дел од ул.„Петрино” до пресек со ул.„Караорман” во с. Лескоец, на пат кој ги поврзува селата Велгошти и Лескоец, реконструкција на улици во населба „Бараки”, локален пат за село Завој, улица во село Долно Лакочереј. Одобрен е и Проект за употреба и одржување на Холандски парк-кај споменикот на А Ден Долард.
Од апликациите на општините на вториот владин повик за инфраструктурни проекти ќе бидат финансирани вкупно 828 проекти во вредност од 225 мил евра.
–Дозволете ми да ви честитам . Се потрудивте многу, пристигнаа многу проекти Вредноста на проектите е околу 14 милијарди денари и кога на тоа ќе се додаде и првиот повик тогаш доаѓаме до бројка од 20-тина милијарди денари или во вкупна бројка од околу 1200 проекти, што значи 1200 градилишта, објекти, игралишта или друга содржина која им е потребна на граѓаните и која што ќе додаде вредност во квалитетот на нивниот живот, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
Министерството за локална самоуправа како координатор на процесите за двата јавни повици е во постојана комуникација со другите министерства задолжени за имплементација на проектите и ја следи невната реализација. Над 40 % од проектите од првиот повик се завршени, истакна министерот Златко Перински.
–Оние кои се уште се сомневаат во ефектите од двата јавни повици ќе се уверат во реалните резултати кога ќе заврши реализацијата на сите 1116 проекти одобрени за финансирање. Работата што не очекува во наредниот период е сериозна. Во периодот што следи ќе ги интензивираме теренските посети за да ја следиме реализацијата одбиску и за да се увериме дека општините навремено ги завршуваат своите обврски, кажа Перински.
Инаку, Општина Охрид на првиот објавен повик аплицираше со 10 проекти и сите беа одобрени. Сите се отпочнати со реализација, а некои се веќе се во финална фаза.
На ниво на државата од вкупно 288 проекти од првиот повик, заклучно со 1 јули, 281 проект е со склучен договор со изведувач, 146 од нив веќе се изведуваат на терен, 113 проекти се целосно завршени.