Вредна донација во медицинска опрема за ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид
ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид доби вредна донација во медицинска опрема и помагалa обезбедена на иницијатива на Градоначалникот Кирил Пецаков во соработка со иселеници во Швајцарија.


Болницата „Св Еразмо“ претставува врвен медицински бренд со долга традиција, стручен кадар, современи медицински третмани, кој е гордост на Охрид и на македонскиот здравствен систем и секогаш треба да ја има нашата безрезервна поддршка но и внимание, истакна градоначалникот Пецаков на денешното предавање на донацијата која се проценува на околу 100 000 евра.
„Во таа насока јас како Градоначалник на Општина Охрид и како одговорна локална самоуправа иако немаме дирекна ингеренција во здравствените установи, во интерес на целокупната заедница се трудиме да бидиме партнер и поддржувач на институциите што дирекно се грижат за животот и здравјето на граѓаните. Се радувам што оваа донација која содржи соверемена опрема и помагала претставува плод на една успешна соработка која беше иницирана лично од мене и преку моите контакти. Упатувам искрена благодарност до донаторите од Швајцарија за нивната хуманост и подготвеност да придонесат за унапредување на медицинските услови во нашиот град. Нивната поддршка е од исклучително значење и практично и како мотив за натамошно развивање на меѓународни соработки во областа на здравството. Посебна благодарност упатувам до менаџерскиот тим на болницата Св Еразмо кој препознавајќи ја важноста на овој проект и со својот професионален пристап, подготвеност и соработка придонесе оваа донација успешно да се реализира.“ – истакна градоначалникот Пецаков.


Донацијата се состои во болнички кревети, душеци, апарати за анаестезија, машини за механичко чистење на инструменти, апарати за електрокардиографија, негативоскопи, апарати за стерилизирање на опрема, фрижидери за лабораторија, светла за операциона сала, манометри, инструменти и други видови опрема и помошни средства наменети за болнички третмани и за пациентите.
Директорот на „Св Еразмо“, д-р Харалампие Шокароски изрази благодарност за несебичното залагање на градоначалникот и до донаторите за подобривањето на условите и опременоста на болницата која се позиционира како врвен ортопедско-трауматолошки клинички центар не само во Македонија туку во поширокиот регион.

„ Практично со оваа огромна донација ќе биде обезбеден скоро целиот инфраструктурен дел со медицински кревети и дел од централната стерилизација за нашата институција. Фактички не прави подготвени во еден многу краток период после завршувањето на ревизијата и проценката на проектот еден дел од новиот објект да биде веднаш ставен во употреба. “ – изјави д-р Шокароски.
Д-р Шокароски информира дека интензивно се работи на оспособување на новиот дел од болницата за негово конечно ставање во употреба.
„ Периодов тече една ревизија со проценка на останатиот дел кој треба да се догради и стави во функција се работи за проценка од машинство, електрика и градба. Завршени се проценките на електрика и градежниот дел, останува уште делот од машинството, таму е и секако најскапиот дел се работи за чилери од повисока вредност и треба добра проценка за кога ќе се распише постапката за изведувач точно да биде специфицирано колку ќе треба.“ – посочи д-р Шокароски.
Голем дел од зградата, заедно со операционите сали и интензивната нега, е оспособен во соработка со Министерството за здравство, истакна д-р Шокароски и додаде дека очекува за краток период од неколку месеци да бидат пуштени во употреба.