Охрид го живее екот на туристичката сезона. Градот е полн со туристи. Според официјалната статистика на секторот за туризам при локалната, до мај најбројни биле гостите од Турција, на второ место од Германија, а трети по бројност од Србија. Карактеристично е тоа што најголем дел од посетителите се транзитни или со краток престој од само неколку денови.

Имало 100 179 туристи, а остварени се 180 824 ноќевања, што е зголемување кај ноќевањата од 27,1 %, додека кај посетителите се бележи раст од 24,4% во однос на лани. Зголемена е и наплатата на туристичката такса.

– Што се однесува до посетеноста во 2025. година значи вкупен број од наплата на туристичка такса имаме од 5 844 984 денари. Имаме зголемување во однос на претходната година од 28 посто. Како најбројни туристи ни се од Турција заклучно со месец мај имавме 13 831 турци туристи. Следни Германците во број од 12 037, Србите 6613, вели Кифни Усеини раководител на Секторот за туризам.
Германците до мај оствариле најголем број на ноќевања или вкупно 23 532 , потоа Турците 18 913 и Србите со 12 833 ноќевања. Но, од мај до денес бројот на ноќевања и туристи е повеќекратно поголем, зголемено е присуството на гостите од соседните и европските земји. Солидна исполнетост има и на хотелските капацитети и приватното сместување.

– Транзитните гости се не само кај нас, и во околните држави, веќе во раст, и се забележува дека да земаат еден голем процент од капацитетите. Има многу повеќе работа за хотелиерите со едно ноќевање наместо три или повеќе но мора да се прифаќаат и тие затоа што тие доаѓаат во месеците и вон висока сезона, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
За сузбивање на сивата економија во туризмот, редовно пријавување на туристите и остварените приходи на терен секојдневно се инспекторите по туризам.

– Редовно надзорите се вршат, редовните по хотелите, месечно се вршат еднаш во текот на месецот, значи сите објекти се поминуваат, затоа што се должни до 15-ти во тековниот месец да ја имат извршено уплатата на таксата за предходниот месец, вели Виолета Тунтева инспектор по туризам.
Прогнозите на туристичките работници се целосна исполнетост на капацитетите на брегот на Охридското Езеро до крајот на август, но и продолжена летна сезона до средината на септември.

Новинар Соња Рилковска