
Општина Охрид со свечена програма ќе го одбележи 2 август – Денот на Републиката. Настаните се и во чест на трите големи јубилеи – 120 години од смртта на Христо Узунов, 150 години од раѓањето на Кирил Прличев и 150 години од раѓањето на Методија Патчев.
Чествувањата започнуваат четврток, 31 јули, во 19:30 часот во Лапидариумот кај Спомен куќата на Робевци со изложбата „Македонија во светот на хералдиката“. Предвидени се обраќања на претставник од Општина Охрид, Иван Нацевски, потпретседател на Македонско грбословно друштво, академик Љупчо Коцарев, Ставре Џиков, промотор, како и Јован Јоновски, претседател на Македонско грбословно друштво. Настанот ќе биде збогатен и со настап на младите охридски музички изведувачи Мила Тренеска, Билјана Буџакоска и Дарио Тренески.
Во петок, 1 август, од 20:30 часот, во селото Велгошти ќе се одржи културната манифестација „Ноќ спроти Илинден“, каде е предвидено обраќање на градоначалникот Кирил Пецаков, полагање на цвеќе пред спомен обележјето на Илинденците, како и културно-уметничка програма. Од 21:00 часот кај црквата Св.Илија во селото Рамне ќе се одржат традиционалните Илинденски средби.
Во сабота, 2 август, во 10:00 часот ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјата на Илинденците во Градскиот парк, а потоа кај „Прентов мост“. Од 11:00 часот во селото Плаќе ќе се одржи историски час, по што е предвидена и културно-уметничка програма. Вечерта од 21:00 часот во селото Елшани ќе се одржи Илинденска вечер.
