Регулаторната комисија бара да ја одредува крајната цена на водата
Состојбата на јавните водоводни претпријатија во државата може да се подобри доколку Регулаторната комисија ја определува крајната цена за секоја водна услуга, смета Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимоски.
„Ние во изминатиот период во соработка со водоводните претпријатија во државата кои што имаат свое здружение, ‘АДКОМ’ се усогласивме и работиме на доставување на заеднички предлог за измени и дополнувања на најверојатно два закона со кои што ќе се овозможи РКЕ да ја определува крајната цена за секоја водна услуга“, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
Бислимоски очекува со измените претпријатијата да ги намалат трошоците, загубата на вода, а тоа ќе значи повеќе средства за инвестициите во водоводната инфраструктура.
„Сега имаме една исклучително лоша ситуација во државата. На државно ниво загубите на вода ни се 64%. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за инвестиции во оваа инфраструктура која е стара 50, 60 , некаде и 70 години. Со тоа ќе се овозможи намалување на загубите на вода, но исто така ќе се намали и процентот на ненаплатена вода. На тој начин, а тоа е во интерес и на потрошувачите, ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но заради намалување на загубите, тоа нема да има драстично односно нема да има никакви сериозни зголемувања на цените за водните услуги.“ , рече Бислимоски.
Сега РКЕ носи одлука за цената на водните услуги со која се определува минимална и максимална цена за секоја услуга која ја даваат водоводните претпријатија, а потоа врз оснава на таа одлука, во рамките на минимумот и максимумот, Управниот одбор на претпријатието носи одлука за цена која потоа се доставува на одобрување од Советот на општината.
„ Очигледно е дека тоа е еден посложен процес бидејќи има политички влијанија и не секогаш се носат одлуки кои се во интерес на водоводните претпријатија, но и во интерес на потрошувачите.“ – рече Бислимоски.
РКЕ ќе ја носи одлуката за крајната цена на водата на ист начин како што тоа го прави за струјата, за парното и за природниот гас. Со планираните законски измени, одлуката на за цената на водата од РКЕ ќе биде конечна и задолжителна за комуналните претпријатија.