Skip to main content

Хидробиолошки доби поддршка од МОН за проектот „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“

ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“ од Охрид доби поддршка од Министерството за образование и наука за реализација на нов научно-истражувачки проект „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“.
 |  инфодеск  | 

Охридскиот Хидробиолошки завод е дел од осумте јавни научни установи кои две години ќе работат на истражувања од висок стратешки и национален интерес за Македонија, со поддршка на Министерството за образование и наука од 23,7 милиони денари.

Дел од одобрените проекти од страна на министерството се и „Етимолошкиот речник на македонскиот јазик“ на Институтот за македонски јазик, „Лексиконот на македонскиот фолклор“ на Институтот за фолклор, „Истражувањето на културното наследство на Албанците од Кумановскиот регион“ на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, „Извори за историјата во Македонија“ на Институтот за национална историја, „Траумата во литературата“ на Институтот за македонска литература. Институтот за старословенска култура ќе го спроведе проектот за Византиските монашки центри во Македонија, а Институтот за интелектуална сопственост проектот за Интелектуална сопственост и дигитална трансформација во Македонија.

Продолжуваме посветено да работиме на истражувањата и заложбите за заштита на Охридското Езеро – нашето природно наследство и екосистем од непроценливо значење, велат од ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека науката и истражувањата го даваат најдобриот одговор на предизвиците.

Затоа, при креирањето на буџетот, одлучивме дека приоритет ни е стимулирање на домашна научна мисла, како влог во иднината на државата. Го поттикнуваме користењето на целокупниот национален потенцијал: интелектуален, технолошки и човечки за да обезбедиме напредок и конкурентност на државата, порача Јаневска.

Хидробиолошкиот Институт, основан во 1935 година е јавна владина високо образовна и научно-истражувачка организација од национален интерес која ги покрива истражуваните субјекти на лимнологијата, како природните езера (главно) така и вештачките езера и реките. Главната преокупација е лимнологијата на природните езера на Република Македонија (Охридското, Преспанското и Дојранското), со особена нагласеност на Охридското Езеро – најстарото езеро во Европа и најголемото и најдлабоко во Македонија.