Oтворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, приредена од Македонското грбословно друштво
Во рамки на програмата на Општина Охрид за одбележување на 2. Август – Денот на Републиката, вчеравачер во Музејско-културниот центар „Лапидариум“, беше отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, приредена од Македонското грбословно друштво.
На свеченото отворање на изложбата во името на Општина Охрид се обрати, Ана Крстеска, заменик градоначалник.
–Чест ни е што Охрид како домаќин е дел од оваа поставка со своите главни симболи, изработени со професионална помош и стручна поддршка токму од Македонското грбословно друштво. Општина Охрид отсекогаш ја имала културата за свој приоритет. Како и до сега, така и во иднина ќе продолжиме да даваме поддршка на вакви проекти кои ја збогатуваат културната понуда на градот и ја зајакнуваат нашата самосвест како држава. Посакувам оваа изложба да биде инспирација за младите генерации, за локалните заедници и за сите нас, да продолжиме да го почитуваме, негуваме и унапредуваме она што не прави Македонци, истакна Крстеска во своето обраќање.

Промотори на изложбата беа академик Љупчо Коцарев и Ставре Џиков, а свои обраќања имаа, претседателот на Македонското грбословно друштво, д-р Јован Јоновски и потпретседателот, Иван Нацевски, кои се автори на истата.
Изложбената поставка брои вкупно 35 панели и е поделена на два дела. Првиот дел се однесува на историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, односно грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија. Во вториот дел на изложбата, акцентот е ставен на современите грбови во Македонија, грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.

Културниот настан беше збогатен со музички настап на уметниците Билјана Буџакоска, Мила Тренеска и Дарио Тренески.
Сите љубителите на уметноста и историјата кои немаа можност да присуствуваат на свеченото отворање, ќе можат да ја разгледаат изложбата во текот на наредните седум дена во Музејско-културниот центар „Лапидариум“, лоциран веднаш до музејот „Куќа на Робевци“.