Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поведе истрага против две лица осомничени за убиство во обид, насилство и за помагање при извршување на обидот за убиство. Според информациите од Обвинителството, првоосомничениот се товари за обид за убиство и за насилство, додека второосомничениот е обвинет дека му помогнал во извршувањето на делото.
Oд ОЈО Струга наведуваат дека поради претходно нарушени меѓусебни односи, првоосомничениот се обидел да лиши од живот едно лице. Второосомничениот, управувајќи со БМВ Х6, намерно го попречил патот на автомобил марка „Фолксваген Голф 7“, во кој се наоѓале оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени потоа излегле од возилото и започнале физички напад, удирајќи ги со тупаници.
„Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото“,наведуваат од ОЈО Струга.
Еден од оштетените се обидел да ги оттргне и спречи, но првоосомничениот и врз него извршил насилство расекувајќи го со ножот по раката.
Јавниот обвинител поднесе предлог до судија на претходна постапка при Основниот суд во Струга за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел да се спречи можноста за бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото.