Ангелоска: Хаос, безредие, контролирана попустливост, панаѓур со сите нишани, Охрид ја живее една од најлошите туристички сезони
Според укажувањата од угостителите, трговците во чаршијата, приватните станоиздавачи Ја живееме една од најлошите туристички сезони, рече советничката Живка Ангелоска на денешната седница на Совет. Хаос, безредие, една контролирана попустливост, панаѓур за глас плус со сите нишани, со овие зборови Координаторката на опозиционата советничка група на СДСМ и коалицијата ја опиша сезоната.
„ Четири години барам да се разретчат и да се дислоцираат оние импровизирани куќарки, исто така импровизираните тезги, боксови и реквизити и се она што го има на кеј Македонија, барам да се пронајде друга локација каде што и луѓето ќе функционираат и ќе имаат профит од дејноста, каде ќе се сопре онај метеж на кеј Македонија, каде ќе им се дозволи на угостителите и на лето да работат без да им биде видикот пред нив запуштен за она што цела година го плаќаат, но за жал такво разбирање нема. “ – кажа Ангелоска.
Ангелоска потенцира дека сите треба да бидеме свесни кои се последиците од, како што рече, ваквата континуирана негрижа од година во година. Дали сте се запрашале каде ќе се наоѓа Охрид после 5, 10 15 години на туристичката мапа кога сега е доведен на една банална комерцијална понуда на туристички места без автентичност, рече Ангелоска од говорницата.
„ Охрид има сопствени вредности и сопствена автентичност и затоа е признат и познат. Зошто она што го имаме упорно го уништуваме? Охрид има свои вредности, но за жал тие вредности, културно-историските знаменитости, охридските чалгии, охридскиот чун, охридскиот бисер, филигран, Лихнида, Билјана паднаа во заборав и станаа жртва во трката за профит. Сега нив ги заменија шундот и кичот, ги замени бетонот, затоа што сведоци на бетонизација на секој чекор и градење станови на секој чекор, а примарна дејност ни е туризмот, ги заменија, скарата, крофните, боксовите. “ – рече Ангелоска.
Доколку навистина сте патриоти како што се прикажувате зошто не си го заштитите идентитетот на сопствениот град и своите сограѓани, на центарот на сесловенската култура, ги праша советниците од позицијата и локалната власт.