Инклузивен и одржлив туризам се во фокусот на два проекти кои Општина Охрид ќе ги реализира со поддршка на ЕУ
Општина Охрид ќе реализира два проекти поддржани од програмите на ЕУ за прекугранична соработка, насочени кон развој на туризмот. Станува збор за проектите Авантура преку границите и РЕЦИРКЛ МЕД.
Активностите во проектот „AdvenTour II, Авантура преку границите“ се насочени кон развивање на туризмот за лица со посебни потреби. Проектот е во програмата на Интерег ИПА за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2021-2027 и за негова реализација Општина Охрид има на располагање 187 000 евра.
„ Преку овој проект покрај т.н меки мерки како изработка на студии, предвидено е и поставување типизирани контејнери на пет охридски плажи, тоалети, соблекувални со пристап за лица со посебни потреби и една како посебна соба целосно опремена со опрема за спасување. Ќе има и набљудувачница за спасителна служба. Ќе биде набавено едно возило за лица со посебни потреби и ќе биде изграден уште еден моторички парк во склоп на касарната каде што се детските игралишта, кој исто така ќе биде инклузивен простор, односно инклузивно игралиште за деца со посебни потреби што ќе биде комплементарно со објектот во зградата во касарната кој го користи Здружението на лица со церебрална парализа и со посебни потреби.“ – вели Ѓоко Апостолов од Сектор за ТЛЕР.
Вториот проект „РЕЦИРКЛ МЕД“ е од програмата Balkan-Mediterranean на Европската Унија.
Овој проект предвидува ангажирање експерти кои ќе изработат студии за развој на одржлив туризам преку циркуларна и сина економија. Целта е изготвување акциони планови со конкретни мерки за одржлива употреба на Охридското езеро за туристички економски раст и животот на локалното население, при што се води сметка за заштита на водните екосистеми.
„Овој проект е многу важен како учество бидејќи во овој проект направен е еден конзорциум од шест држави Македонија, Грција, Црна Гора, Бугарија, Малта, Италија, Шпанија. Главната цел на овој проект е развој на туризмот преку циркуларна и сина економија. Тука ќе има многу одлуки за локалните чинители, ќе се изработуваат студии во кои на поинаков начин ќе се третира туризмот согласно модерните текови. “ – објаснува Апостолов.
Проектот „РЕЦИРКЛ МЕД“ ќе овозможи градење партнерски односи со земјите учеснички во програмата, создавање контакти за во иднина за аплицирање на поголеми проекти со повидливи ефекти.