Skip to main content

15% пониски цени на училишниот прибор до 15 септември

Сè со цел спречување на растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година и заштита на животниот стандард на граѓаните, како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме”, Владата на 100-тата седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало.
 |  инфодеск  | 
Првачиња

Владата донесе одлука со која ги задолжува трговците да ги намалат цените на училишниот прибор, како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните пред почетокот на учебната година.

Со одлуката на владата, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10% во трговијата на големо и најмалку 15% во трговијата на мало.

Одлуката стапува на сила на 15 август и ќе трае до 15 септември.

Трговците, додаваат од Владата, се задолжени да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година, врз основа на која се пресметува намалувањето.

Исто така, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.