Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги распиша локалните избори на кои треба да се изберат градоначалници и членови на советите на сите 80 општини и Градот Скопје. Со тоа ќе почнат да течат роковите за изборниот процес.
Денот на гласање во првиот круг ќе биде 19 октомври 2025, додека вториот ќе се одржи две недели подоцна, на 2 ноември.
Увидот во Избирачкиот список (ИС), започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае дваесет дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, односно оние со наполнети 18 години, ќе можат да ги проверат своите податоци во ИС и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги допстават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата. Избирачите можат и сега да го сторат тоа, но ажурираниот Избирачки список за локалните избори до ДИК ќе биде доставен набрзо по распишувањето на изборите.
Рокот за поднесување на листите е најдоцна 35 дена пред денот на одржување на изборите, што значи подносителите имаат рок најдоцна до 15 септември за да ги поднесат листите со советници и градоначалници.
Државната изборна комисија ќе има неколку дена да ги провери и најдоцна 23 дена пред изборите да ги утврди, односно на 27 септември. Изборната кампања ќе трае 20 дена и започнува на 30 септември.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.