Skip to main content

Ohrid Water festival по трет пат ќе ги спои водените спортови, еколошката едукација, музиката и гастрономската понуда од охридското поднебје

Охрид од 16 до 30 август ќе биде центар на водените спортови, забавата и еколошка едукација во рамки на третото издание на Ohrid water festival. Охридскиот фестивал на водени спортови и годинава ќе понуди богата програма со возбудливи спортски настани, славење и промоција на убавините на Охридското езеро и забава во која ќе уживаат охриѓани и гостите од сите генерации.
 |  Маја Савиќ  | 

Ohrid Water festival по трет пат ќе ги спои водените спортови, еколошката едукација, музиката и гастрономската понуда од охридското поднебје. Организатористе со подршка од општината и спонзорите и годинава подготвија богата програма со која создаваат незаборавно летно искуство во Охрид и ги издигнуваат водените спортови на едно повисоко ниво, истакна Претседателот на фестивалот Никола Вретоски.

„Оваа година од 16-ти до 30-ти август нашиот фестивал нуди рекордна програма со над 20 спортски настани кои ќе ја исполнат охридската ривиера со адреналин, натпреварувачки дух и незаборавни моменти. Покрај спортот горди сме што имаме и повеќе од десет социјално-едукативни активности меѓу кои изложби, предавања, работилници и други едукативни настани со една цел да ја подигниме свеста за заштита на природата, водата и заедницата што ја споделуваме.“ – изјави Никола Вретоски – Претседател на Ohrid Water Festival.

Oхриѓани и гостите ќе имаат можност да проследат ревијален ватерполо турнир, пливачки митинг на базенот „Атина Бојаџи“, Меѓународни кајак, едриличараска и веслачка регата, Спортски риболовен Куп, меѓународно штафетно нуркање за мир, СУП јога на вода и СУП 33 километарски маратон со старт кај Радожда и Љубаништа, рекреативно нуркање за деца, „Меч рејс Европски куп“, Балканско Јуниорско првенство на отворени води, како и возобновената Кајак регата Струга-Охрид. Годинешното издание завршува со круната на водените спортови Охридскиот пливачки маратон на 30-ти август кога познати пливачки имиња ќе ја препливаат патеката Св. Наум- Охрид.

Охридскиот фестивал на водени спортови и годинава ќе создаде атмосфера на возбудливи спортски настани, славење и промоција на убавините на Охридското езеро и забава во која ќе уживаат сите генерации, истакна градоначалникот Кирил Пецаков посочувајќи дека манифестацијата која е под покровителство на Општина Охрид ги оправдува очекувањата.

„ Ohrid Water Festival со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата. Ако земеме предвид дека второто издание беше за 80% попосетено и со поголем број на натпреварувачи, веќе годинешното трето издание на фестивалот ќе биде со големување од околу 40% што значи дека веќе третата година од одржување на Ohrid Water Festival добиваме сериозен настан кој станува се попосетен и секако дека претставува промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со социјално-едукативна и културна програма која не изостанува сите три години.“ – кажа градоначалникот Пецаков.

Сите настани од социјално-едукативниот дел на Ohrid Water Festival ќе се одвиваат пред платото на хотелот „Палас“. Посетителите ќе уживаат во гастрономски специјалитети од Slow food Ohrid. За забавниот дел на годинешното издание ќе се погрижат група Фузија, дечињата од Распеано рибарче, Охридскиот камерен оркестар со староградска музика и поп пејачката Дани Димитровска.