Skip to main content

Продолжија археолошките истражувања на локалитетот „Рајца Манастирите“ на Љубанишко поле

Археолошкиот локалитетот „Рајца-Манастирите“ на Љубанишко Поле полека ги открива со векови скриените богатства и убавини. Стручен тим на НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид периодов продолжи со истражувања на локалитетот, по пауза од десет години. Фокусот на археолозите е врз ранохристијанската базилика.
 |  Маја Савиќ  | 

По пауза од 10-тина години продолжија археолошките истражувања на локалитетот „Рајца Манастирите“ на Љубанишко поле.

Археолошките истражиувања на овој простор ги започнал археологот Владо Маленко во далечната 1971 година кога при изградба на локален пат случајно бил откриен дел од објект. Опсежни археолошки истражувања стручни тимови на НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид спроведуваа во 2013-2014 та година . Тогаш беа откриени делови од градежни структури на два објекти, базилика и во близина на 200 метри и римски објект од профан карактер, вила рустика. Археолошките истражувања во моментов се фокусирани врз базиликата од ранохристијански период .

Станува збор за еден монументален објект којшто во поширок контекст е значаен можеби како дел од поголем комплекс на градби коишто постоеле во овај регион, вели археологот Анатоли Арнаудоски.

„Засега ги откриваме самите ѕидови, јужните, северните, источните ѕидови на базиликата. Пронајдени се делови од мозаик со геометриски и флорални орнаменти. Забележани се и фрески на самите ѕидови, се надеваме дека дојдовме до откритие на самата крстилница. Со ископувањата во 2013-2014 забележана беше езерска песок што значи дека можеби овај објект бил поплавен во еден период. Така што продолжуваме со истражување, се надеваме дека во наредните години ќе имаме доволно финансии и разбирање од државата за да продолжиме со проектот.– вели Арнаудоски, археолог, советник кустос.

Ранохристијанската базилика на локалитетот „Рајца Манастирите“ е голем објект кој се протега во должина од 40 метри и 20 метри ширина. Бидејќи се работи за комплексен објект, базилика која има свои пропратни простории од повеќе страни кои допрва треба да се истражат, целосниот габарит на комплексот ќе биде поголем, вели м-р Драган Танески, археолог, виш кустос, раководител на проектот.

„Оваа година се концентриравме на источниот дел на објектот, на олтарниот простор, отворање на олтарниот простор. Дефинирано е архитектонското решение на олтарниот простор со три конхи, главната источна и една северна и една јужна конха. Можно е да има уште една на запад, но тоа се уште не е истражено. Потоа се концентриравме на јужните партии на објектот каде јужно од главниот ѕид на базиликата е откриена уште една просторија, направена е пробна сонда на таа просторија и откриен е нов мозаик. Сметаме дека таа просторија треба да ја претставува крстилницата на објектот, но со поната мошните истражувања ќе ја потврдиме таа претпоставка.“ – вели археологот Танески.

Откако ќе биде завршена целосната конзервација овој локалитет ќе биде финално презентиран и ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид. Се очекува да има голема посетеност како поради атрактивноста на археолошките пронајтоци така и поради пристапноста, Локалитетот Рајца се наоѓа во Љубанишко Поле, во западното подножје од ридот на кој се наоѓа селото, веднаш до патот за авто кампот.