Во сабота започнува јавниот увид во Избирачкиот список
Во сабота (23 август) започнува јавниот увид во Избирачкиот список. Увидот ќе трае 20 дена, односно до 11 септември на полноќ, а заклучениот список ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3 октомври.
Сите граѓани имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на информациите. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта. Со барањето, задолжително треба да се приложат и потребните докази. Барањата се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.
Можност за увид во списокот имаат и лицата во притвор и затвор, кои своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК.
ДИК е должна да донесе одлука по барањата на граѓаните во рок од 24 часа. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот може да поднесе тужба до Управниот суд, кој е должен да одлучи во рок од 24 часа.
Со цел ажурирање на списокот, Министерството за внатрешни работи еден ден по завршување на увидот, доставува списоци на лица кои поднеле барање за нова лична карта, како и на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите.
Конечниот Избирачки список ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, а потпишан на 3 октомври.