Skip to main content

Миланка Новеска Густавсон се враќа во родниот Охрид со концертот Времеплов

Новеска ќе пее заедно со нејзината колешка, сопранот Тина Ристеска во црквата „Св. Софија“ утревечер од 20 часот. Многу ме радува што ќе настапам пред моите охриѓани и што ќе ја споделам мојата уметност со публиката во тој свет духовен простор, вели Новеска пред концертот.
 |  Маја Савиќ  | 

Oперската пејачка Миланка Новеска Густавсон, која живее и работи во Шведска по пауза од неколку години повторно ќе настапи во родниот Охрид.

Мецосопранот Новеска заедно со нејзината колешка, сопранот Тина Ристеска придружувани од пијанистката Ана Велиновска утревечер ќе одржат концерт насловен „Времеплов“ во волшебниот акустичен амбиент на црквата „Св. Софија“.

„Многу се радувам што ќе имам прилика да настапам во мојот роден крај Охрид, многу си го сакам. Посебно ме радува дека во Св Софија ќе имам можност да пеам , ми е многу мило затоа што тоа е еден духовен објект којшто ми значи многу и многу се радувам. вели Новеска.

На репертоарот се дела од различни епохи на класичната музика од Моцарт, Хендел, Вивалди, Пучини, Росини, Белини, Офенбах и други композитори.

„Тоа е како еден музички времеплов, патување низ вековите со различни технички можности и предизвици како и музички стилски различни елементи кои ги работиме ние вообичаено во нашите проекти и сакав да има за секој по нешто, а и публиката да може да разбере повеќе за разликите и да уживаат во различните композиции. Исто имаме и наш композитор Зографски и мало изненадување на крај.– најавува Новеска.

Концертот Времеплов е идеа за која Новеска неколку години размислувала, а до нејзина реализација дојде со поддршка од Министерството за култура. Посебно сум среќна што успеавме да ја реализираме замислата да биде концертот бесплатен за публиката, вели Новеска. Својот настап емотивно го посветува на нејзината менторка, истакнатата македонска оперска пејачка, Милка Ефтимова.

„ Многу ми е тежок период исто така затоа што почина нашата голема оперска ѕвезда Милка Ефтимова која беше мојот прв ментор. Таа ме откри, таа ми ја внесе љубовта кон операта. Би сакала овој концерт да и го посветам нејзе и се надевам дека од таму каде што е ќе може да ме слушне и да се радува како што секогаш се радуваше на моите успеси и моето пеење. – вели Новеска.

Концертот Времеплов ќе се одржи и во Скопје на 25 август, по што Новеска се враќа во Шведска каде претстојниот период ќе работи паралелно на два проекти.

„Дирекно одам во Малме каде во операта почнуваме со подготовка на Вагнеровата опера Лохенгрин, таму сум дел од ансамблот. Паралелно ќе имам и работа со Ерик Ериксон и филхармонијата во Стокхолм, така што ќе имам патувања наизменично. Така да ќе биде авантура. Подоцна имам во ноември настап во Стокхолм со Реквиемот од Моцарт каде го пеам солистичкиот дел на алтото и ќе биде многу убав настан, така што се радувам и на тоа. Подоцна и други концерти во склоп на празниците така што до јануари ќе биде вистинска авантура. – вели Новеска.

Новеска четири години живее и работи во Шведска каде ги заврши вторите магистерски студии на Катедрата за опера во Стокхолм. Минатата година доби кралска стипендија за професионално усовршување, која и ја додели лично шведската кралица Силвија.

За нејзините успеси и промоција на Охрид во светот, родниот град и оддаде признание доделувајќи и Повелба „Патрон на градот Св. Климент Охридски“.