Skip to main content

Пазарите преплавени со лажен фалсификуван мед

Од Здружението на пчелари од Охрид апелираат до купувачите да бидат внимателни, да купуваат само од декларирани пчелни стопанства. Апел и до надлежните за позасилени контроли и поголеми казни.
 |  инфодеск  | 

Лажниот фалсификуван мед,  ги преплави пазарите во  Охрид и Струга.  Поголемиот дел   е неприроден, најчесто гликозен сируп, со сомнителен состав, кој е тешко да се препознае со голо око.

Цената на природниот  мед е најмалку 700 денари за кг.  и тој треба да се купува само од декларирани производители кои исполнуваат соодветни услови.

– На секој ќош  се продаваат фалсификати.  Едно време кажаа дека  90% oд медот по пазарите е фалсификат. За жал, тој процент е уште поголем.  Пазарите во Охрид и Струга се преплавени во фалсификати. Преплавени се во фалсификати, а  инспекторите не мрдаат, вели Тони Јосифоски, пчелар.

Во трката за брз пофит и во услови на намалени пчелни приноси, се почесто на понуда е неприроден мед. Потребни се засилени контроли и казни за оние кои манипулираат со купувачите.

-Ние како Пчеларско здружение се бориме со таквите препродавачи, со таквите трговци, кои што на место мед продаваат всушност скап шекер. Соработка имаме со институциите, не можеме да се пожалиме во тој домен, инспекциите излегуваат на терен, меѓутоа се потребни многу, многу почести контроли и онаму каде што има повторување на таквите дејствија бараме да има ригорозни казни, вели Наум Трпчески, Претседател на Здружението на пчелари во Охрид.

И интернет просторот е преплавен со продажба на лажен  мед, кој се претставува како природен. Штетите не се само врз пчеларите, туку и врз купувачите, тие  наместо мед конзумираат шеќер.  

Новинар Соња Рилковска