Skip to main content

Нов алпинистички локалитет во Национален парк Галичица

Нови можности за развој на алпинизмот и спортското качување, и за збогатување на туристичката понуда на Охрид и Националниот парк Галичица.
 |  инфодеск  | 
DCIM\102MEDIA\DJI_0542.JPG

Уреден нов локалитет за качување на карпа во НП Галичица. Теренските активности на локалитетот се одвиваа во јули и првата половина на август од страна на Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид, во соработка со Македонска алпинистичка федерација и Национален парк Галичица.

Локалитетот е сместен над познатото излетничко место Корита, на надморска височина од 1600 м, во стара букова шума.

-Со својата западна експозиција нуди неповторливи пејзажи кон хоризонтот и Охридското Езеро, а овозможува идеални услови за качување и во најтоплите летни денови.
Локалитетот опфаќа 3 карпи со вкупно 18 насоки (должина 20–50 м). Дел од нив се опремени со класични алпинистички клинови, а дел со експанзиони, што овозможува качување во различни стилови и техники
, објаснуваат од АК Патагонија.


За полесен пристап од АК Патагонија изработија и нова маркирана патека (1 км), погодна и за љубителите на лесни прошетки во природа, со можност да ја посетат и новооткриената „Алпинистичка пештера“.


Во реализацијата на активностите на алпинистичкиот клуб се приклучи и даде придонес Бобан Стојанов од Штип, долгогодишен Алпинист-инструктор и претседател на Комисијата за одржување на локалитети при Македонската алпинистичка федерација, како и Јован Иванов, еден од најдобрите спортски качувачи во Македонија, кој изработи две нови насоки што ќе бидат вистински предизвик за спортските качувачи од регионот.


За воспоставување на локалитетот беа обезбедени 1.055.000 денари, од кои: 75% обезбеди PONT, 15% Општина Охрид и 10% сопствени средства на АК ПАТАГОНИЈА – Охрид.

Со овој локалитет се отвораат нови можности не само за развој на алпинизмот и спортското качување, туку и за збогатување на туристичката понуда на Охрид и Националниот парк Галичица.

Локалитетот е дел од проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, кој го реализира Патагонија четврта година по ред со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.
Од АК Патагонија изразуваат посебна благодарност до PONT, Општина Охрид, како и до Бобан Стојанов и Јован Иванов за нивниот значаен придонес.