Странските инвеститори чекаат
Регионалната депонија наместо да затвара стари рани отвора нови. Југозападниот регион сеуште на статус кво за доделување под концесија на регионалната депонија.
Странските инвеститори сеуште чекаат за да вложат пари во регионалната депонија. И по се изгледа ќе се изначекаат бидејќи градоначалниците на југозападниот регион вчера имаа уште еден неуспешен состанок. Поради немање кворум за работа третата работна средба во Струга помина стихијно без потребното присуство на сите градоначалници на југозападниот регион и без ресорниот министер Неџати Јакупи. Имено, долгонајавуваниот итен и суштински проект за концесионирање со регионалната депониаја тапка во место. Четири општини сеуште не ја имаат донесено одлуката на Совет за отпочнување со ваков вид на концесионирање. Раководителот на ЛЕР од Струга Владислав Жупан вели дека сеуште не е формирана ниту 13 члената комисија.
„Општините Охрид , Вранештица, Центар Жупа и Македонски брод, значи тие општини треба да ја донесат таа одлука за да започнеме со постапка“, вели Жупан. „Исто така се договоривме уште на претходниот состанок дека 5 градоначалници ќе влезат во комисијата а тоа се Охрид, Струга, Дебар, Кичево и еден од руралните општини за одлучување околу тоа кој ќе биде концесионер“, додава Жупан
Во споредба со нашиот регион, другите региони веќе бележат напредок, вели Жупан. Тој додава дека иако првенствено ние сме биле во предност, работите кај нас очигледно се вртат во круг.
„До општините веќе е доставена нацрт физибилити студијата. Општинските тимови можат да ја разгледуваат, а доколку имаат прифатливи забелешки може да се изврши корекција на истата врз основа на што ќе се распишува концесиската постапка“, вели Жупан.
Општина Охрид која е сериозен играч за концесионирање со регионалната депонија има голем број забелешки на одлуката. Димитрија Вервезоски, секретарот на општина Охрид вели дека студијата за доделување на интегрирано управување со цврст отпад, навлегува во ингеренциите на локалната самоуправа, поточно во дејноста на ЈП „Охридски Комуналец“. Според Вревезоски одлуката не е стручно изработена и заради тоа се одолговлекува донесувањето на истата страна на Советот.
Додека конечно отпочнат работите околу уредувањето на теренот за регионалната депонија за која сеуште не се знае ниту каде ќе биде лоцирана, едно се знае. Сметот ќе биде расфрлан насекаде, а со тоа Европа ќе ни е се подалеку и понедостижна.
{loadposition content9}