За вистински безбеден Охрид, опозицијата бара поголема видливост на полицијата на терен, проодност и достапност на јавните површини
Според извештајот за состојбата во областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата во Општина Охрид за првите шест месеци од годинава безбедносната состојба е стабилна. Градските советници на последната Седница го усвоија извештајот поднесен од Командирот на СВР Охрид. Координаторката на советничката група од СДСМ и Коалицијата, Живка Ангелоска побара подетални информации за реалните состојби, за проблемите со кои се соочува полицијата во извршување на задачите при одржување на јавниот ред и мир и регулирање на сообраќајот. Таа посочи дека според извештајот кривичните дела, бележат зголемување над 70 за првото полугодие, споредено со истиот период лани, што говори дека зголемен е криминалот во градот. Кога зборуваме за вистински безбеден град тоа значи и достапност на јавните површини и заедничките добра, друг важен елемент е соодветна инфраструктура, рече Ангелоска.
„Кога зборувам за инфраструктурата мислам на улиците, проодноста, а знаеме дека имаме узурпирани улици со градежни машини, узурпирани тротоари, велосипедски патеки и се прашувам дали и полицијата може во критичен момент со ваква инфраструктура да стигне навреме каде е потребно? Надвор од статистичките податоци во извештајот, верувам дека најголемиот дел од нас летово се нашле во ситуација за влакно да избегнат несреќа во сообраќајот. За жал, ова лето видовме дека не сме безбедни ни на тротоарите. Многу е тешко во одредени интервали во денот пешаците да поминат на пешачките премин, да добијат предност од страна на возачите. На сите страни безредие во сообраќајот.“ – рече Ангелоска.
Во контекст на големиот број манифестации и зачестеното присуство на домашни и странски делегации во градот, Ангелоска потсети на блокадата во сообраќајот во јули кога голем број граѓани останаа заглавени во возилата повеќе од еден час. Имајќи ги во предвид манифестациите кои се збиени најмногу во месец август, но и во летниот период, праша дали полицијата воопшто има капацитет да ги покрие сите настани според нормативите или, како што рече, имаме среќа да не ни се случи инцидент од повисоки размери. Голем дел од аспектите на безбедноста зависат од сообраќајната култура, рече Ангелоска, но потенцира дека присуството и видливоста на полицијата е неопходна на места кои се најкритични.

За извештајот, во делот на јавниот ред и мир и останатите прекршоци, одговори Командирот на Полициската станица од општа надлежност Охрид, Богоја Прензоски.
„За разлика од претходната година во однос на прекршоците каде сум дирекно надлежен се намалени за голем процент. Во текот на 2024 година имало 140 прекршоци, а во текот на 2025 има 80 прекршоци. Имаме зголемување во однос на јавниот ред и мир само на еден вид прекршок кај што има уживање на наркотични дроги, 24 во текот на оваа година, а лани имало 19. Во однос на гужвите за отворањето на „Охридско лето“ оваа година имаше најмалку чекање, бидејќи каде што имаме државна делегација од прв степен постапуваме според правилници стари 30 години. Мораме така да постапиме, немаме друга можност“ рече Прензоски.
Во однос на прашањето на советничката за поголема присутност и видливост на полицијата, командирот Прензоски посочи дека претежно се покрива централното градско подрачје и дека и покрај фактот што се соочуваат со премал број на полициски службеници се дава максимумот да се одржи поволна безбедносна состојба.
„Факт е дека станува збор и за релативно млади службеници. Треба да поразговараме и во однос на материјално-техничките средства и на полициските службеници, бидејќи ретко кој се пријавува на огласите. Сега треба да се донесе Законот за внатрешни работи и поради тоа ни е отежнат начинот на функционирање. Штом се донесе истиот ќе имаме поголеми можности и повеќе ресурси. Еден подолг период од две-три години сме блокирани не можеме да функционираме, дури и самоиницијативно се организираме. Го даваме максимумот повеќе од што можеме, и покрај фактот што полициската станица нема ни 40%, 35% е пополнетост од кои функционираме околку 25% со релативно млади полициски службеници и ова што е е повеќе од добро.“ -додаде Прензоски.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески ја поздрави дебатата покрената од опозицијата во однос на извештајот, но додаде дека досега во 3-4 наврати иако извешатите биле негативно гласани, опозицијата немала забелешки, за сега откако бил сменет командирот, како што рече, преку ноќ јавната безбедност и безбедност во сообраќајот биле нарушени. На тоа Ангелоска реплицираше дека не се работи за тоа која личност е на функцијата, туку дека проблемите кои ги имало и има треба да се решаваат, а советниците и граѓаните имаат право да бараат информации и одговори.
Секретарот Китески предложи како претставник од локалната самоуправа во идниот период да има почести состаноци со претставници од сите политички партии, од јавните претпријатија, со комнадирот на СВР на кои ќе се информира за безбедносната состојба, тековните предизвици, ќе се даваат забелешки и предлози.