Skip to main content

Општините имаат недостаток на административни капацитети и експертиза, владата формира Ресурсен центар за да им помогне

Во периодот кој што следи до април 2026 година министерството ќе работи на воспоставување на телото составено од експерти кои на барање на општините би биле на располагање за помош во испорака на секоја услуга кон граѓаните во надлежност на општината, но и низа подготвителни активности како прирачници и насоки за градоначалниците и административните работници.
 |  Маја Савиќ  | 

Општините немаат доволно квалитетен административен потенцијал и експертиза за да ги спроведуваат своите надлежности и да испорачаат квалитетни услуги на граѓаните. Загрижувачки се капацитетите на општините за подготовка на проекти преку кои ќе се привлекуваат средства од домашни и странски фондови. Ова се само дел од предизвиците со кои се соочуваат, а кои ги утврдило Министерството за локална самоуправа преку процена на состојбите со директен контакт и посети на општините.

Со цел да им помогне на општините владата во рамки на Министерството за локална самоуправа ќе воспостави Ресурсен центар за поддршка на општините составен од ростер на експерти од различни области.

-Систематизирана и институционална поддршка во функција на реформа на локалната самоуправа во форма на Ресурсен центар за поддршка на општините, една контакт точка која ќе понуди изводливи и одржливи решенија за зајакнување на капацитетите на општините. Овој центар претставува механизам што овозможува долгорочно, стручно и одржлива поддршка на сите општини во државата. Неговата цел е дирекно таргетирање на слабостите како недостиг на административна експертиза, слаба меѓуопштинска координација и недоволна искористеност на ресурсите со коишто располагаат општините, кажа денеска на прес конференција Министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Во периодот кој што следи до април 2026 година министерството ќе работи на воспоставување на телото составено од експерти кои на барање на општините би биле на располагање за помош во испорака на секоја услуга кон граѓаните во надлежност на општината, но и низа подготвителни активности како прирачници и насоки за градоначалниците и административните работници.

-Патоказ односно практичен прирачник за идните градоначалници кој ќе содржи насоки за првите чекори по преземањето на функцијата од организација на администрацијата, преку финансиско и буџетско планирање до реализација на капитални проекти и работа на Совет, насоки за надминување на препораките коишто Државниот завод за ревизија ги детектирал како слабост врз основа на извршените ревизии во општините во изминатиот период, подготовка на дигитална платформа којашто ќе претставува интерактивна алатка за општините преку која што ќе можат да побараат и добијат одговор брзо и ефикасно, поттикнување на меѓуопштинската соработка, наброја Перински.

Ресурсниот центар претставува продолжување и институционализација на осумгодишниот проектот за Одржлив и инклузивен, рамномерен регионален развој финансиски поддржан од швајцарската влада. Истиот како иницијатива е поддржан и од Делегацијат на ЕУ во Македонија со тоа што преку проектот ЕУ за општините ќе бидат спроведени активности за јакнење на капацитетите на локалните самоуправи.