Skip to main content

Денес започнува Фестивалот на македонски филм во Македонскиот културен центар во Загреб

Фестивалот ќе почне со проекција на почетоците на македонската кинематографија – со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот.
 |  инфодеск  | 

Со свечено отворање на Фестивалот на македонски филм – македонски филмски класици во Загреб денеска ќе биде одбележан 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Во рамките на програмата ќе бидат прикажани четири долгометражни играни и исто толку краткометражни филмови, кои оставиле траен белег во македонската кинематографија, а претставуваат филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња, меѓу кои се Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов. Тие ќе бидат прикажани во киносали во 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија.

– Благодарение на воспоставената соработка со Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи, селектираните македонски филмови ќе бидат прикажани низ 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија, велат од македонскиот КИЦ во Загреб.

Фестивалската програма ќе биде збогатена и со изложба на македонски филмски плакати, богат филмско-архивски материјал, кој има значајно место во промотивната, визуелната и естетската перцепција на филмот како комплексен културен производ. Изложбата „Македонски филмски плакат 1952-2022“ ќе биде поставена во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Ќе бидат изложени автентични филмски плакати од антологиски филмови, чие графичко и ликовно решение претставува жив сведок на развојот на филмот како уметност и културно огледало на времето во кое тие филмови се создавале.

Одбележувањето го организираат македонската амбасадата во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска.