Skip to main content

Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош со презентација на знаења и техники на платото пред Центарот за култура

Темата на овогодинешниот Светскиот ден за Прва помош е „ПРВА ПОМОШ И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ“. Во тие рамки Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 12.09.2025 г. (петок) на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“.
 |  инфодеск  | 

Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.

Темата на овогодинешниот Светскиот ден за Прва помош е „ПРВА ПОМОШ И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ“. Во тие рамки Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 12.09.2025 г. (петок) на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“, каде во периодот од 11-13 ч. тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди поврзани со климатските промени.

И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на Светски Ден за Прва Помош, ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на климатските промени. Бури, топлотни бранови, пожари… Климатските катастрофи се случуваат без најава, но можеме да се подготвиме. Учењето прва помош ни овозможува да реагираме во итни случаи. При климатски кризи, секоја секунда е важна. Да бидеме подготвени: да се обучиме, да помагаме и да спасуваме животи, велат од Црвен Крст Охрид.

Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено и правилно укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.

Климатските промени го менуваат нашиот секојдневен живот и ја зголемуваат опасноста од несреќи, болести и итни случаи. Но, можеме да делуваме!

  • Учењето прва помош претставува инвестиција во отпорноста на нашите заедници
  • Им овозможува на сите да ги заштитат своите најблиски и да реагираат при итни состојби
  • Тоа е дел од решението за климатските предизвици

Придружете ни се на одбележувањето на Светскиот ден по првата помош 2025 и бидете дел од побезбеден свет! Подготвеноста денес значи спасени животи утре, порачуваат од Црвен Крст Охрид.