Во сабота од Охрид започнува Ракометниот караван
Ракометната Федерација на Македонија со ракометен караван „Ракометот е тука – дали си подготвен?“, ќе го промовира ракометот, кој ќе започне во сабота на 20-ти септември 2025 година, со почеток во 11:30 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид.
Во соопштението од РФМ се вели дека специјални гости на настанот ќе бидат Филип Миркуловски , Индира Кастратовиќ и Елена Ѓорѓиевска, а главна цел на Ракометниот караван е промоција на нашиот национален спорт низ целата територија на нашата земја. Караванот има за задача да ги доближи вредностите на ракометот до најшироката публика, да создаде нови генерации љубители на спортот и да ја поттикне активната вклученост во спортските активности.
–Особено внимание е насочено кон најмладите – нашите идни ракометни ѕвезди . Преку дружење, мотивација и инспиративни примери, тие ќе имаат можност да се запознаат со ракометот како потенцијална нивна иднина и како спорт што носи другарство, дисциплина и успех. Ве покануваме да бидете дел од караванот и заедно да ја пренесеме љубовта кон ракометот низ Македонија!, стои во соопштението на Ракометната федерација на Македонија.
