Skip to main content

Намалено учеството за купување на прв стан, зголемено за купување втор или повеќе станови

Народна банка го намали учеството за купување на прв стан кој е наменет исклучиво за живеење.
 |  инфодеск  | 

Народна банка го намали учеството за купување на прв стан кој е наменет исклучиво за живеење. Од 1 декември наместо досегашните 15 отсто од парите што требаа да ги обезбедат граѓаните за купување на стан или за изградба на куќа, сега ќе треба да обезбедат само 10%. Дополнително, ако се купува втор, трет или повеќе станови, учеството се зголемува на 25% од вкупната сума.

-За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 проценти на 25 проценти од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55 проценти за изложеноста во денари и 50 проценти за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 проценти за изложеноста во денари и 45 проценти за изложеноста со валутна компонента, изјави Гувернерот Трајко Славески. 

Промените во макропрудентните мерки, како што посочи гувернерот, имаат превентивен карактер со цел заштита од прекумерна задолженост што може да се одрази на способноста за редовно отплаќање на обврските и на вкупната стабилност на финансискиот систем.