Skip to main content

Дирекција за заштита и спасување

Нови, подметнати пожари во Дрисла и во сервис за автомобили во Пинтија

Според последните информации од ЦУК, до 7 часот, на територијата на земјава имало 13 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, под контрола се два пожара, а изгаснати се десет. 
 |  инфодеск  | 

Синоќа пред 23:00 часот повторно избувна пожар на депонијата „Дрисла“, овојпат на сосема друго место од претходните денови, на локација пооддалечена од претходно активното жариште, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Поради специфичната природа на пожарот, Ангелов вели дека било неопходно истовремено затрупување на опожарената површина. За таа цел биле ангажирани градежни машини кои веќе биле на местото. Пожарот бил изгаснат и затрупан за еден час, со што било спречено негово ширење кон главниот дел на депонијата.

Ангелов соопшти и дека утринава пред 4 часот избувнал голем пожар во сервис за возила лоциран во Каменик во Пинтија, над поранешната фабрика „Стаклара“. Директорот на Дирекцијата за заштита  и спасување информираше  дека Бригадата  за протипожарна заштита на град Скопје веднаш излегла на лице место и со осум возила по тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 06:00 часот.

Според последните информации од ЦУК, до 7 часот, на територијата на земјава имало 13 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, под контрола се два пожара, а изгаснати се десет.